Ќе гледаат  ли конечно љубителите на фудбалот во Кочани од следното првенство второлигашки натпревари? Прашање кое си го поставуваат сите оние на кои жолто-сината боја на „Осогово“ нешто им значи.

Според она како стојат моментно работите, тешко е за поверување дека „Осогово“ ќе влезе во отворена битка за обезбедување место кое ќе го однесе во повисок ранг на натпреварување.

Имено, до почетокот на зимскиот преоден рок остануваат уште само пет дена а од кочанскиот третолигаш нема никакви најави дали се планира освежување на екипата со неколку проверени играчи со кои „жетварите“ ќе се пуштат во отворена битка со „Беласица“, „Плачковица“, „Каменица Саса“ и „Овче Поле“ во освојување на едно од првите три места на табелата.

И додека во „Осогово“ се е пуштено на случајност, другите клубови веќе подолг период преговараат за доведување на играчи со кои ќе обезбедат место во еден ранг повисоки натпреварувања.

„Беласица“ веќе ги договорила Ташев и Тодоров од „Хоризонт Турново“ а во преговори се уште со 2-3 играчи. „Плачковица“ ја засили тренерската позиција со Јовица Трајчев, кој од „Брегалница“ (Делчево) го донесе и Варадиновски, а во преговори се уште со неколку свои играчи кои играат во други клубови. „Каменица Саса“ и „Овче Поле“ најавуваат нови играчи но имињата засега се држат во тајност. Сепак се чини дека најактивни во овој преоден рок ќе бидат од „Кит Го Пехчево“. Засега е договорено со Алексовски и Димоски (Каменица Саса) и Колев и Синев (Овче Поле) а во преговори се уште со неколку проверени играчи.

За пет дена и по овие ниски температури ќе не очекува топол зимски преоден рок, за сите, но дали и за „Осогово“, мошне бргу ќе дознаеме.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари