Деновиве станарите од влезот 2 во Блокот „А“ од Градскиот Трговски Центар беа изненадени кога во нивните поштенски сандачиња добија известување (Одговор) од ЕВН КЕЦ – Кочани по упатеното нивно барање.

Да потсетиме, два дена пред Нова година поради преоптовареност на електричната мрежа дојде до пожар во влезот 2 од блокот „А“ во ГТЦ по кој сите станари од споменатиот влез останаа без електрична енергија. Служби од КЕЦ Кочани се зафатија за работа и дефектот го отстранија за два дена, но откако Вешто лице извршило увид и констатирало како и од каде дошло до пожарот. Беа наведени три броила по што станарите добија известие дека ниту едно не им припаѓа ним туку дека истите се сопственост или на кафулињата или на околните дуќани. Станарите одржаа состанок на Куќниот Совет по што беше упатено писмено барање до ЕВН КЕЦ – Кочани за дислокација на тие броила кои без нивно одобрение некој од КЕЦ  токму овде ги приклучил

Сега раководителот на КЕЦ – Кочани со испратениот одговор излегува дека си игра мајтап со станарите.

Имено во доставениот одговор тој пишува: „Дислокација која ја барате на дел од потрошувачите кои се напојуваат од заедничката табла може да се изведе по конкретно барање од корисник и уплата на увид на лице место, по што се изготвува техничко решение. Доколку се согласува барателот со техничкото решение, од негова страна се обезбедуваат евентуално потребните согласности и се уплатува надоместок по пресметаните трошоци за дислокација, по што се пристапува кон реализација“.

Според Раководителот на ЕВН КЕЦ Кочани излегува дека некои од нивните вработени без прашање на станарите, без согласност на Куќниот Совет си приклучиле корисници на електрична енергија за кои не се знае по која тарифа плаќаат и дали не ги искористуваат заедничките броила на станарите. Кога ги приклучиле тие корисници, ЕВН КЕЦ – Кочани ниту барале согласност од Куќниот Совет, ниту плаќале за евентуалното одобрение, а сега за нивна направена намерна или не грешка, на трошок ги става станарите.

Станарите се единствени овој пат и како што најавуваат ќе одат до крај и ќе бараат на оваа ујдурма судска разрешница.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари