„Осогово“ денес на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани го одигра и вториот натпревар од зимските подготовки, во кој ја совлада екипата на „Тиверија“ од Струмица со 4:1 (1:0). За разлика од неделата кога повеќе трчаа одошто мислеа на противничкиот гол, денес „жетварите“ играа поофанзивно со желба да ја остварат и првата победа.

Почетокот не ветуваше возбудлив и ефикасен фудбал бидејќи половина час и домаќините и гостите како да не беа заинтересирани за противничкиот гол.

Во 30’ Јорданов од само половина метар не успеа да ја упати топката во мрежата, но затоа пак во 34’ Ѓеоргиев од вториот обиде биеше во небранетиот дел од мрежата на гостите. На три минути пред крајот на полувремето беше досуден пенал за гостите, но голманот Лазаров ја прочита намерата на гостинскиот играч и го одбрани ударот.

Вториот дел започна со напади на домаќините кои дадоа резултат по пет минути игра кога Аксентиев по добрата акција на Мојсовски биеше во празната мрежа. Гостите намалија од пенал за да до крајот Тасов и Манов со два рутинирани погодока  го постават конечниот резултат.

Педесетината гледачи задоволни го напуштија стадионот бидејќи беа сведоци на добра игра на нивните миленици и што е најважно желба за победа.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари