МЛАДИТЕ „ЖЕТВАРИ“ ПАДНАА ПО УДАРИТЕ ОД БЕЛАТА ТОЧКА

Во Спорт
април 5, 2023
1 минути

По мошне студено време за игра и пред околу 300 гледачи денес во Кочани на стадионот „Никола Мантов“  се одигра 1/4 финалниот натпревар од Купот на Македонија за генерација У-19 „Осогово“ – „Македонија Ѓорче Петров“.

Факт е дека  во моментот „Осогово“ има генерација која е иднината на клубот и затоа надежите дека можеби ќе се повтори 1996 година кога кочанчани го освоија младинскиот куп на Македонија беа присутни и кај играчите и Стручниот штаб и кај гледачите.

За жал по кој знае кој пат кај нас се покажа дека колку и да си подготвен залудно е ако некој сака предвреме да ти ја „скрои капата“.

Господин судија, Господин Игор Иванов вие денес со вашето калкулантско судење уништевте една млада генерација, на многумина млади играчи кои знаат да играат фудбал им го уништивте сонот а и ја „убивте“ надежта во нив дека со квалитет може далеко да се стигне. Вие Господин судија, Вие Господин Игор Иванов кој знаете да судите бидејќи во минатото сте имале многу добри арбитражи на овој терен, денес за жал ја покажавте и другата ваша страна „на медалот“, Вие Господин судија денес не сакавте да ги применувате напишаните правила на фудбалската игра, вие денес пред очите на јавноста два очигледни прекршоци во гостинскиот шеснаесетник не сакавте да видите и да ги окарактеризирате како пенал иако за тоа постоеја сите услови. Дали некој пред натпреварот така ви наложи не знаеме а искрено не сакаме да веруваме во такво нешто.

Со ваквиот вовед кој судијата натпреварот го доведе во фаза пеналите да го одредат полуфиналистот ниту малку не сакаме да ја намалиме заслужената победа на екипата на „Македонија Ѓорче Петров“, напротив, во еден изедначен натпревар во кој победникот можеше да биде решен и пред изведувањето на пенали, победи посреќниот и поконцентрираниот тим.

Самиот натпревар покажа дека младите момчиња од обете екипи се решени да дојдат до победа и да влезат во 1/2 финалето. Резултатот беше отворен во 19’ кога по една нафрлена топка од левата страна во домашниот шеснаесетник најдобро се снајде Панче Лазаров кој рутинирано ја спроведе во мрежата на домашниот голман Александар Стоименов. Но по само шест минути домаќините го израмнија резултатот. По една добра акција на „Осогово“ домашниот играч Драган Цветанов ја искористи нерешителноста на гостинските играчи го префрли голманот Давид Стојановиќ и топката заврши зад неговиот грб. По израмнувањето и двете екипи имаа неколку шанси за гол но добрите одбрани на голманите и непрецизноста во завршницата на акциите не дозволија мрежите да се затресат.

Во пенал рулетот гостите беа поконцентрирани и заслужено победија. Домаќините од четирите изведени пенали погодија само еднаш а јунакот на голот на „Македонија Ѓорче Петров“ Давид Стојановиќ ги одбрани останатите три. За разлика од „жетварите“ гостите од три удари постигнаа исто толку голови и заслужено продолжуваат во Купот на Македонија за генерација У-19.

Се на се интересен и неизвесен натпревар во кој сите играчи што истрчаа на зелениот терен се хероите на денот бидејќи одиграа натпревар по мошне студено време за овој период од годината.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ