По месец и половина одличниот играч за врска на штипска „Брегалница“ Александар Темелков ја соблече ортопедската чизма, која поради напукнатото стапало по препорака на лекарите ја носеше во изминатите шест недели.

Темелков повредата ја „заработи“ на контролниот натпревар „Брегалница“ – „Турново“ и од тогаш е надвор од зелениот терен.

„По последниот преглед во Систина стигна радосна вест за мене. Лекарот ми соопшти дека коската каде беше напукната е зарасната и дека можам веднаш да ја соблечам ортопедската чизма. Во договор со лекарот во наредните две седмици ќе работам за зајакнување на мускулите на ногата а потоа ќе можам и да трчам. Се надевам дека во последните десет кола ќе се ставам на располагање на новиот тренер на Брегалница и дека заеднички ќе се обидеме според многумина невозможното ние да го направиме возможно, Брегалница да остане во прволигашкото друштво. Иако тоа ќе биде тешка задача сепак треба да веруваме во себе, и да докажеме дека фудбалот токму поради вакви случувања е интересен“ ни рече Темелков

Инаку повредата на Александар Темелков дојде во најнезгодниот момент за „штипските сини“ кога им беше најпотребен се случи она што никој не го посакуваше.

Но и повредите се составен дел на спортот и со тоа мора секој да се помири.

На Темелков му посакуваме успешно враќање на зелениот терен и повторно да биде еден од главните креатори на играта на „Брегалница“.

С. Ивановски

1001

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари