Се играше 80 минута од натпреварот „Осогово“ – „Рудар“ кога домаќините изведуваа акција по десната страна. Топката беше во нозете на еден од најдобрите играчи на „Осогово“ во пролетниот дел од првенството Зоран Тасески, и кога се спремаше да проигра некој од своите соиграчи на неговата десна нога со отворен ѓон стартуваше Зафирчо Стоиманов по што со болка на лицето играчот на „жетварите“ се најде на тревата.

Судијата Арсов веднаш покажа жолт картон за некоректниот Стоиманов, а неколку домашни играчи се најдоа во непосредна близина на нивниот соиграч. Нивните изрази на лицата уште тогаш покажуваа дека се работи за посериозна повреда.

Тасески беше префрлен во „Медицински центар“ во Кочани каде по направените снимки утврдено е дека има мала скршеница на зглобот на десното стапало, ногата му е ставена во лонгета и истиот е препратен на нови дополнителни прегледи во „Државна болница“ во Скопје.

„Се работи за мала скршеница која јасно се гледа на направените снимки. Според прогнозата на лекарите паузата ќе трае околу четири седмици по што се надевам дека ќе се вратам на зелениот терен и во финишот на првенството ќе му помогнам на „Осогово“ да го избори посакуваното место кое води во Втората лига“ беше кратката изјава на Тасевски во телефонскиот разговор.

Така во следните четири кола („Василево“, „Кит Го Пехчево“, „Малеш“ и „Напредок Здравје“) Тасески нема да се најде во екипата на „жолто сините“, но на рака му оди и што „Осогово“ е слободно во 25-тото и 26-тото коло, така да неговото враќање на теренот се очекува во 27-то коло кога кочанчани и гостуваат на „Слога 1934“ во Виница.

На Зоран Тасески му посакуваме што побрзо враќање на зелениот терен бидејќи тој со своите игри и голови покажа дека е едно од поголемите засилувања кои „Осогово“ ги има ангажирано во последните неколку години.

С. Ивановски

DSCN1414

DSCN1420

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари