Натпреварот од 22-рото коло во Третата Фудбалска Лига – Исток „Осогово“ – „Кит Го Пехчево“ покажа дека со право беше прогласен за дерби на колото. Повеќето од 500 гледачи кои дојдоа на стадионот „Никола Мантов“ видоа добар фудбал, прекрасни голови и одлично судење на Сашко Ристов и неговите помошници Стојан Костадинов и Александар Пасков (сите од Струмица).

Разликата во бодовното салдо беше знак дека гостите ќе играат офанзивно бидејќи ова им беше според нив последниот воз за четвртото место на табелата кое можеби ќе значи и влез или бараж за Втората лига. Пехчевци играа добро на средината на теренот и со брзи проигрувања се обидуваа нешто повеќе да направат. Наспроти нив „жетварите“ играа мирно и ја чекаа својата шанса.

DSCN9263

Се играше 19’ кога Натков прими една топка на дваесетина метри од голот на Јамаковски, си создаде простор и со прекрасен удар постигна вистински евро-гол. Само пет минути подоцна гостите сепак го изедначија резултатот. По изведениот корнер од левата страна еден гостински играч ја закачи топката на првата статива, таа ги прелета сите но не и одлично поставениот Синев кој со удар со глава го матираше немоќниот Данев. Во 30’ Мојсовски беше убаво проигран, излезе сам пред гостинскиот голман кој при интервенцијата го фаулираше, дилеми немаше судијата Ристов покажа на белата точка. Ударот на Натков голманот Јамаковски го одбрани но за негова несреќа топката повторно дојде до Натков кој од 2-3 метри ја закова под пречката.

DSCN9555

Второто полувреме започна со шансата на гостинскиот играч Зафиров но неговиот удар со глава беше непрецизен и топката заврши во гол-аут. И тоа речиси да беше се од гостите нешто повеќе да направат на денешниот натпревар. „Жолто-сините“ станаа попретпазливи во одбраната, сигурно играа на средината на теренот и чекаа само кикс на гостинската одбрана. Тоа и се случи во 66’ кога Коцевски биеше од десната страна, топката закачи еден гостински играч и во парабола го прелета Јамаковски и заврши во мрежата. Конечниот резултат од 4:1 го постави ново влезениот Тодоров, кој во 87’ доби еден отпадок и во стил на расен стрелец ја заниша мрежата на немоќниот гостински голман.

DSCN9480

Се на се интересен натпревар кој ја враќа вербата во фудбалот. Домаќините по седми пат во исто толку натпревари оваа пролет славеа и веќе ја зацврстија својата позиција за влез во Втората лига.

Комплетни резултати од 22-рото коло:

„Осогово„ – „Кит Го Пехчево“  4:1

„Каменица Саса“ – „Слога 1934“  5:3

„Работник“ –  „Напредок Здравје“  0:2

„Тиверија“ – Малеш“  1:4

„Брегалница Голак“ – „Василево“  3:1

„Овче Поле“ – „Рудар“  3:1

Слободни се екипите на „Беласица“ и „Плачковица“.

Т  А  Б  Е  Л  А

1.Беласица  55  (96:07)

2.Плачковица  48  (50:09)

3.Осогово  48  (45:15)

4.Каменица Саса  43  (50:19)

5.Овче Поле  40  (52:17)

6.Кит Го Пехчево  35  (34:22)

7.Брегалница Голак  24  (35:54)

8.Напредок Здравје  24  (27:47)

9.Малеш  22  (32:39)

10.Василево  21  (27:48)

11.Тиверија  20  (25:45)

12.Работник  19  (16:34)

13.Рудар  17  (20:60)

14.Слога 1934  14  (22:46)

С. Ивановски

DSCN9581

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари