Требаше да поминат два месеци од незгодната повреда па Александар Темелков играч на прволигашот од Штип па да започне со подготовките на зелениот терен.

Иако во првиот момент се мислеше дека по само пет недели Темелков ќе почне со настапите во синиот дрес на „Брегалница“, не излезе баш така, според советот на лекарите рехабилитацијата беше продолжена па како што стојат работите не се знае кога ќе може да им помогне на соиграчите во зачувувањето на прволигашкиот статус.

„Сега се чувствувам подобро. Процесот на физичка подготовка го започнав пред две седмици кога почнав со возењето на велосипед на кратки релации, а од неодамна освен возењето на велосипед почнав да трчам и на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани. Имам голема желба до крајот на првенството да можам да им помогнам на моите соиграчи и заеднички да ја оставиме „Брегалница“ во прволигашкото друштво“ беа зборовите на Темелков по последниот одржан тренинг.

Знаејќи за каков играч и каква личност се работи воопшто не се сомневаме дека Темелков ќе биде подготвен за финишот од првенството, тогаш кога најмногу ќе и биде потребен на „Брегалница“.

На Темелков му посакуваме што побргу да заигра бидејќи уште го нема кажано последниот збор на зелениот терен.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари