Во читалната на ЈОУ Библиотека „Искра“ денес беше промовирана книгата „Доминго росос“ – Музичка легенда на Кочани.

Во присуство на Борис Манчев и Ванчо Арсов едни од основачите на групата, авторот на книгата Гиро Герасимов ги запозна новинарите со она што во главно е опфатено во „Доминго росос“ и како што истакна тоа е книга која за 15 минути може да биде прочитана, но и во која се содржани многу податоци и фотографии од музичката историја на Кочани.

Групата „Доминго росос“ на музичката сцена се појавува во 1960 година време кога како што истакна Борис Манчев беше доста популарна мексиканската музика. Инспирацијата да се создаде оваа музичка група биле мексиканските филмови, кои на големо се прикажувале во кината, филмови со убави актери и уште поубави песни.

Освен Борис Манчев – Калапчијата – ритам гитара, и Ванчо Арсов – Лорто – соло гитара на почетокот групата ја сочинуваат и Никола Андонов – Коњалијата – ритам гитара и Марија Петкова – вокал.

unnamed (2)

Првиот јавен настап групата го има на 17 Март 1961 година во Кочани а подоцна почнуваат да даваат концерти и низ другите градови во Македонија. Освен концертите групата составена од три млади момчиња и една млада девојка, гостувала на приватни забави, на игранки, на матинеа, и оделе на тогаш доста популарните серенади, каде и да се појавиле нивната музика била мошне добро прифатена.

До 1966 година, период до кога и групата постоела имаат на репертоарот повеќе од 20 песни а како најпопуларни кои и го одбележаа нивното време се „Вера, мала Вера“, „Елбајон“, „Џаме вој“, „Сјајно сонце“, „Гиздав коњаник“ и други.

Групата успеала да сними и неколку музички записи кои уште постојат во архивите на Радио Кочани, Радио Скопје и Радио Битола, записи кои ги потсетуваат повозрасните кочанчани на едно убаво време кога музиката беше дел од нивното секојдневно живеење.

Во 2011 година се прават напори за повторно „воскреснување“ на групата, со свирки за потребите на Здружението на пензионерите од Кочани, но сето тоа кратко трае бидејќи годините си го прават своето.

С. Ивановски

DSCN9868

DSCN9874

unnamed (1)

P2180270

P2180280

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари