Иако во  Првата Фудбалска Лига за жени се натпреваруваат само 9 (девет) екипи првенството кое стартуваше на 03 Септември 2016 година според сега планираното ќе треба да заврши кон крајот на Мај или почетокот на Јуни 2017 година. Значи цели девет месеци ќе се играат се на се 16 кола!

Ако минатите години за сезоната од 8 месеци играње фудбал беа „виновни“ настапите на репрезентациите, од годинава не може да се каже за истото, бидејќи поради слабите резултати ФФМ ги замрзна настапите на „А“ селекцијата во времетраење од две години.

Е токму апстинирањето на „А“ селекцијата е причината за прашањето: „За кого се игра женскиот фудбал во Македонија“?

Од официјалната страна на УЕФА „За женскиот фудбал преку националните асоцијации“ на страна 32 стои дека годишниот буџет од УЕФА за женскиот фудбал во Македонија изнесува 495.719 Евра, што значи дека УЕФА за двете години додека не настапува „А“ селекцијата на Македонија ќе донира средства во висина од 991.438 Евра.

Од горе напишаното излегува дека женскиот фудбал во Македонија постои само за добивање на финансиски средства од УЕФА кои некој треба да каже каде завршуваат.

Клубовите не добиваат за време на првенството ниту цент од тие Евра, освен што им се покриени судиските трошоци во првенствените и Куп натпревари и што шампионот добива 5.000 Евра награда за освоено прво место.

Ако е сето ова точно, а точно е, тогаш каде ќе завршат остатокот од 495.719 Евра (годишен буџет) е прашањето на кое треба некој од ФФМ да го даде одговорот.

Сакал некој да признае или не, дел од тие средства (а не е мала таа бројка) завршува на име хонорари кај членовите по разните комисии за женскиот фудбал, односно во џебовите кај оние кои и те како знаеја да го подигнат зелениот картон со „ДА“ кога сè, и требаше да се бира денешниот Претседател на ФФМ.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари