Три децении кочанските фудбалски работници се бореа да го добијат седиштето на регионот. Три децении во кои тоа се вртеше на релацијата Штип-Струмица. Ѝ во последните неколку години иста слика, иако седиштето на Третата Фудбалска Лига со новата одлука на федерацијата треба да ротира на секои две години, последната деценија кочанчани повторно остануваа со кратки ракави.

И додека седиштето беше час во Струмица, час во Штип самопрогласените „Спортски работници“ од Кочани фрлаа дрвја и камења по оние кои ја водеа лигата. Од форсирањето на сопствен судиски кадар, форсирање на службени лица (делегати и контролори) од своите редови, до гозби и веселби, а сето тоа од џебот на клубовите.

Конечно годинава им се насмевна среќата, со посредство на луѓе од федерацијата успеаја да го добијат седиштето на Третата Фудбалска Лига – Исток и тоа не целосно, туку половично. Но и од ваквото доделување на половина „колач“ тие беа задоволни. бидејќи извисија од повеќе комисии во федерацијата, останаа без шетања по белиот свет а богами и без добрите хонорари, но сега како така го зедоа „камшикот“ во свои раце и еве веќе скоро девет месеци (шест активни) уживаат во благодетите кои со тоа им се овозможија.

Со денот на преземањето на раководењето со лигата тие експресно ги покачија материјалните трошоци на клубовите од 6.000,00 денари во полусезона на 9.000,00 денари, односно 8.000,00 денари, зошто? одговорот тие треба да го дадат. Клубовите кои се мачат како да обезбедат средства гласно реагираа на оваа одлука, толкувањето „Ако не ви се допаѓа не мора да играте во лигата“ им ги затвори устите иако тоа е нивно легитимно право а средствата тие што ги даваат треба да знаат зошто ќе се потрошат.

Но како и да некој некогаш ќе ги отвори ѝ тие тефтери и ќе се покаже каде и зошто се трошеа и уште се трошат тие средства, кои „рака на срце“ не се мали. Есеноска клубовите уплатија вкупно 135.000,00 денари (15 клубови х 9.000,00 денари), а пролетта „само“ 112.000,00 денари (14 клубови х 8.000,00 денари) а лигата се игра само шест месеци. Значи месечно по 41.167,00 денари.

Во кочанската спортска јавност гласно се зборува за овој најнов феномен, но сите чекаат некој државен орган да ја разбуричка работата и да ја каже вистината.

И додека клубовите се мачат како да опстанат финансиски, некој си дозволува да си ужива во она што сепак клубовите му го овозможија. Клубовите кои досега не се осмелија да побараа извештај каде и за што се потрошија нивните уплатени средства, ѝ понатаму ќе страдаат од ваквите самопрогласени спортски работници. И додека тие ќе страдаат некој ќе си го прави ќеифот, истиот оној ќеиф кој тие до пред само една година го критикуваа кога други го правеа. Сега по девет месеци излегува дека сите оние пред нив што ја воделе лигата можат вода да им носат.

Но, она што веќе шест месеци го прават кога тогаш ќе излезе на виделина, но и тоа нема да им пречи бидејќи во својата душа длабоко се убедени дека токму тие се личностите околу кои треба постојано да се врти фудбалот во Кочани, па и во регионот.

Наша среќа што живеат во нашиот град бидејќи во спротивно нема да знаеме што е тоа фудбал.

Шегата на страна, јавно ги повикуваме да ѝ кажат на фудбалската јавност што тие сработија за овие шест активни месеци?.

Ќе бидеме ли удостоени за нивниот одговор ќе видиме во најскоро време, а дотогаш продолжуваме со собирањето на аргументи кои од нивните редови ги добиваме.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари