По загадувањето на „Осојница“ и  „Брегалница“ не остана поштедена ниту „Кочанска Река“.

Токму денес во претпладневните часови земјоделци забележале дека од испусната цевка кај мостот на влезот во селото Горни Подлог најпрвин истекувала црна материја која подоцна ја променила бојата во светло сива.

Освен заматената речна вода во околината се чувствувала и непријатна миризба што асоцира на тоа дека се работи за некоја хемиска материја.

Земјоделците што први ја забележале оваа несекојдневна појава веднаш ги алармирале одговорните за наводнување на оризовите површини од „Водостопанство“ – Кочани кои веднаш излегле на терен.

На испусната цевка се приклучени повеќе од корисниците во „Индустриската зона“ и не може ниту да се претпостави кој е загадувачот на речната вода, но според земјоделците надлежните служби ќе можат да го откријат сторителот доколку загадената вода ја испратат на подетални испитување.

Земјоделците најавуваат дека ќе се обидат оваа вода да не ја користат туку ќе се свртат на водите од другите реки, но за жал оваа вода како што истакнаа ќе продолжи да се движи и кон полињата на атарот во село Чешиново.

Од „Водостопанство“ – Кочани апелираат до несовесните субјекти да престанат да ги загадуваат речните корита бидејќи водата и те како им е потребна на земјоделците а таа се помалку ја има во речните корита.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари