Во реванш натпреварот од полуфиналето на фудбалскиот Куп на Македонија во женска конкуренција, денес на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани, девојчињата на „СЦ Истатов 2015“ со мошне добра и сигурна игра за време на целиот натпревар покажаа и докажаа дека заслужено обезбедија финале.

Избраничките на тренерот Кирил Изов уште во воведните минути им покажаа на „жетварките“ дека и во Кочани сакаат да победат и со тоа да ја потврдат победата од првиот натпревар кога како домаќини славеа со 3:1.

По двете неискористени шанси за гол сепак во 10’ гостинките преку Јаковска која се прошета низ домашната одбрана а при тоа минувајќи го и домашниот голман Костова поведоа со 1:0. По водството на гостите играта како да спласна, но во 26’ Ѓорѓиева изби сама пред гостинскиот голман и кога го помина беше фаулирана а сигурниот судија Арсов без размислување покажа на белата точка. Пеналот го изведе Петровиќ но иако гостинскиот голман Крстеска појде на десната страна, топката заврши покрај левиот дирек во гол-аут.

DSCN1599

Гостинките им се реваншираа  на кочанчанки веќе во 40’. Одбранбените домашни играчи непотребно направија прекршок во својот казнен простор по што Арсов уште еднаш прстот го впери кон белата точка. Ударот на Чубиноска домашниот голман Костова со нозе успеа да го одбрани.

 

Во второто полувреме за одбележување се само двата постигнати погодока. Во 57’ капитенот на „Кочани“ Ѓорѓиева направи дар-мар во гостинската одбрана а кога Крстеска и појде во пресрет биеше по средината на голот и го израмни резултатот. Овој гол како да им даде надеж на домаќинките кои сосема се дотворија, но казната стигна во 79’. Јаковска убаво беше проиграна во „срцето“ на домашниот шеснаесетник, ја прими топката на гради, ја спушти на земјата и со манир на голем стрелец го погоди небранетиот дел од мрежата.

DSCN1680

Вториот гол за „рибарките“ значеше и крај на сите надежи на кочанчанки.

Се на се заслужена победа на „СЦ Истатов 2015“ кој во финалето ќе се сретне со екипата на „Тиверија“ која и во возвратниот натпревар го совлада „Драгон 2014“ со 2:1 како гостин.

Се очекува едно возбудливо комшиско финале на годинешниот фудбалски Куп во женска конкуренција.

С. Ивановски

DSCN1343

DSCN1340

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари