Согласно законските одредби и укажувањата на Инспекторатот за локална самоуправа мандатот на советниците законски е завршен на 24 март. После овој датум советниците не можеле ниту да одржуваат ниту седници, а согласно на тоа ниту да донесуваат некакви одлуки.

Како Советот на Општина Кочани после 24 Март одржа две седници (61-вата на 26.04 и 62-рата на 04.05) сите предлог-одлуки, извештаи и донесени одлуки се сметаат за неважечки.

Така без важност остануваат усвоениот годишен извештај на Општина Кочани за 2016 година,  извештајот за извршување на Буџетот во првиот квартал од 2017 година, извештајот за работа и завршната сметка на КЈП „Водовод“ за 2016 година, како и прифатениот предлог за измена и дополнување на планот за запишување на ученици во прва година во СОУ „Гошо Викентиев“.

Иако и претходно се знаеше дека мандатот на советниците трае точно четири години и истиот завршува на 24 март, сепак Советот на Општина Кочани побрза со одржувањето на двете седници кои сега според законските одредби стануваат неважечки.

Штом е така, дали советниците ќе го вратат подигнатиот паушал за овие две седници останува да се види многу бргу.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари