Двајца ќе дојдат, петмина ќе нема, со играчи од страна реда ради се преговара, домашните играчи си заминуваат, и така е речиси на секој тренинг откако започнаа подготовките на „Осогово“ за настапот во Втората Фудбалска Лига – Исток.

Првенството започнува за месец дена, веќе се закажани три контролни натпревари, а во „Осогово“ не се знае дали ќе има играчи што ќе настапат на овие средби.

По пауза од недела дена деновиве ги посетивме двата тренинга на „Осогово“ на кои евидентна беше разочараноста, сегашната екипа личи на детска градинка бидејќи грото од играчите што тренираат се помлади од дваесет години. Посебна приказна беше тренингот во средата каде некои стандардни играчи кои еден ден се тука, другиот не, не беа на тренингот од причина што имале по примарни обврски, настапи на „Илинденските спортски игри 2017“ во Чешиново.

Се пазарат со управата, а на тренинзи не доваѓаат што наметнува прашање „Дали Осогово со вакви актери уште пред да започнат првенствените натпревари е главниот кандидат за испаѓање од лигата“?

Повиците кон Градоначалникот дека не сака финансиски да му помогне на клубот според досега виденото излегоа малку и нереални. Од негова страна се ветија месечни средства преку натпреварувачката година поголеми од ланските, го вети и превозот на екипата на сите гостувања, Советот изгласа еднократна помош од 250.000,00 денари, Одборот за доделување на Петровденските награди им врачи чек во вид на награда во висина на 5 просечни плати за последните три месеци во Република Македонија.

Градот колку-толку му помага на клубот но од бизнисмените и основачите на клубот засега нема цврсти ветувања колку ќе вложуваат месечно. Тие како да чекаат друг да дава средства а тие да располагаат со нив

Токму ваквото нивно однесување беше причината Ефтим Аксентиев да замине во „Каменица Саса“, за клубот немаат интерес да настапуваат ниту Драган Паунов, ниту Благој Коцев, некои звучни имиња или играчи од страна нема, па по се изгледа се ќе падне на грбот на младите играчи и на стручниот штаб кој ќе ја води екипата од клупата за резервни играчи.

Фрлањето на клучевите во последниот месец дена од страна на некои луѓе од Управниот Одбор на клубот сега и не држат бидејќи некои играчи заминаа, други се незадоволни а интересот кај играчите од другите фудбалски средини да му пристапат на „Осогово“ е научна фантастика.

Некој мора нешто под итно да преземе за да „Осогово“ сепак застане на поцврсти нозе и да не му се случи по само една сезона повторно да се врати на настапите по селските ливади.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари