Општина Кочани објави повик за воспоставување јавно-приватно партнерство за изградба на „спа-центар“ во градот.
Идниот приватен инвеститор ќе треба да го проектира, финансира, управува и да го одржува овој објект што ќе се гради на локација до Градскиот базен во Кочани, на површина од 16.039 м².
Вкупната проценета вредност на договорот изнесува 1.330.000 евра, без вклучен ДДВ. Инвестицијата во „спа-центарот“ покрива околу 880.000 евра од договорот, додека преостанатите средства би се вложиле во Летната дискотека „Аква“.

Рокот за изградба на „спа-центарот“ е три години, а концесионерот ќе управува со „спа-центарот“ во период од 30 години.
Локалната самоуправа изработи физибилити студија за реализација на проектот. Овој документ покажа дека идниот концесионер би уплаќал најмалку 10.000 евра годишно на Општина Кочани врз основа на реализацијата на оваа инвестиција.
Приватниот инвеститор ќе треба да склучи дополнителен договор со КЈП „Комуналец“ од Кочани за искористување на студената или на топлата геотермална вода за одржување во функција на спортско-рекреативниот комплекс.
Рокот за поднесување понуди е до 6 септември, до 1200 часот.
Повикот е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки во делот Концесии за јавни работи и јавни услуги.

ИЗВОР: kocani.gov.mk

DSCN7169

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари