На отворањето на фудбалската сезона во Кочани на стадионот „Никола Мантов“ дојдоа околу илјада гледачи за да проследат натпреварот од 1/16 финалето на фудбалскиот Куп на Македонија, „Осогово“ – „Брегалница“ (Штип).

Убава атмосфера, добра посетеност во работен ден и игра која може да добие преодна оценка.

Натпреварот започна со шоуто што го приреди навивачката група „Сејмени“, а долу на теренот се водеше изедначена битка во која домаќините беа тие кои го диктираа темпото на играта.

Се играше 12’ кога Натков од работ на шеснаесетникот упати удар кон голот на Штипјани но топката заврши неколку сантиметри покрај десниот дирек во гол аут. И кога сите очекуваа „жетварите“ да ја затресат мрежата на Јаневски, се случи спротивното. Во 23’ беше досуден слободен удар за „штипските сини“ на околу 25 метри од голот на Данев, мајсторот за слободни удари, ветеранот Здравков одлично биеше во горниот лев агол а несигурната интервенција на Данев само го потврди погодокот за гостите.

DSCN9549

 

Домаќините не ги обесхрабри примениот погодок, напротив, продолжија со напади и по само четири минути игра го израмнија резултатот. Натков убаво во празно го вработи голгетерот Манов кој откосо со удар по земја ја смести топката во долниот десен агол на немоќниот Јаневски.

DSCN9565

Следното возбудување пред глот на домаќините. Во  31’ Наумов иако непречен од никого биеше со глава од само пет метри но Данев овој пат успеа да го скроти ударот. Се играше 41’ од натпреварот кога гледачите се чини го видоа најубавиот момент на средбата. Натков биеше од прва и кога сите веќе ја видоа топката во мрежата, Јаневски со прекрасна интервенција ја исфрли топката во корнер.

Кога сите очекуваа со резултат 1:1 да заврши првото полувреме домаќините примија уште еден наивен гол. Во 44’ Ефремов изведе слободен удар од десната страна, Данев не го процени добро летот на топката, истрча, но остана краток па итриот Наумов само со глава ја префрли топката во мрежата на домаќините.

DSCN9640

Во вториот дел се виде дека темпото ги исцрпи играчите од двете екипи па немаше толку возбудувања како во првиот дел. Единствено за одбележување е лошиот удар на Здравков во 60’ кога од поволна позиција биеше покрај голот на Лазаров, како и ударот на Натков во 65’ кога топката заврши над пречката и непрецизниот удар со глава на Манов во 70’.

Се на се дерби натпревар кој бргу ќе биде заборавен а проблемите на тренерите пред почетокот на првенството очигледно е дека се големи.

С. Ивановски

DSCN9451

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари