Се играше 74’ од натпреварот кога ново влезениот Александар Ѓеоргиевски одлично го изведе корнерот од десната страна, на топката појдоа гостинскиот голман Ников и домашниот одбранбен играч Јорданов но таа дојде до одлично поставениот Манев кој со манир на искусен играч со глава ја спроведе во небранетиот дел од мрежата.

На стадионот „Никола Мантов“ и долу на теренот ерупција од воодушевување, „Осогово“ без ниту една создадена шанса постигна гол што на крајот се покажа како решавачки за освојување на првите три второлигашки бода.

Самиот натпревар не донесе ништо интересно. На зелениот терен имаше две просечни екипи кои не знаеја како да создадат шанса за гол. За илустрација само, за време на целиот натпревар не беше упатен ниту еден посериозен удар кон головите на двајцата голмани.

DSCN992

Но да се вратиме малку на она што сепак се случуваше а се случуваше во главно помеѓу двата шеснаесетника. Во првото полувреме домаќините немаа ниту едно додавање, многу грешеа, немаа расположени играчи ниту на средината на теренот, ниту во нападот. Гостите пак беа тие кои ја имаа повеќе топката во своите нозе, почесто напаѓаа но нивните напади беа јалови, а и кога ќе дојдеа до позиција за удар нивните лоши и млаки удари па и центар шутови беа лесен плен за домашниот голман Лазаров.

Во второто полувреме се виде дека ново влезениот Александар Ѓеоргиевски внесе доста живост во играта кај домаќините, го имаше и на средината на теренот и во шпицот на нападот а доста добро делуваше и по десната страна. „Жетварите“ почнаа да напаѓаат поорганизирано а како круна на таквата игра беше и постигнатиот погодок. Георгиевски уште еднаш се закани по голот на гостите, но неговиот удар директно од корнер во 88’ гостинскиот голман со крајни напори успеа да ја отстрани опасноста по неговиот гол.

Во ваквиот лош натпревар се вклопи и несигурната судиска тројка предводена од Никола Иванов (Велес) но за среќа неговата несигурна арбитража не влијаеше на конечниот резултат.

С. Ивановски

DSCN0208

DSCN0400

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари