Паузата во првенството во Втората Фудбалска Лига – Исток „Осогово“ ја искористи да одигра подготвителен натпревар со еден од најголемите фаворити за освојување на првото место во Третата Фудбалска Лига – Исток, екипата на „Кит Го“ од Пехчево.

„Жетварите“ се надеваа дека ќе му се реваншираат на својот противник за неодамнешниот пораз во Пехчево 0:4, како дел од летните подготовки.

Но желбата за реванш се покажа како илузија бидејќи гостите од Пехчево со нова фудбалска лекција го демолираа немоќното „Осогово“ совладувајќи го и во Кочани со идентичен резултат 4:0 (0:0).

Гостите се покажаа како далеку подобар противник од „жолто-сините“ кои пак за време на целиот натпревар не само што не создадоа некоја шанса за гол, туку не упатија ниту еден директен удар кон голот на противникот.

За разлика од домаќините, играчите на „Кит Го“ со добри додавања и покривање на целиот терен постојано беа потенцијална опасност по голот на Данев. Особено нивната надмоќност се покажа на дело во второто полувреме кога со по два гола на Мартин Стојанов и Мартин Димоски го доведоа домашниот голман во очај.

Добро е што денес натпреварот не беше од натпреварувачко значење па на трибините се собраа само неколку десетина гледачи кои не ја видоа очајната игра на „жетварите“.

Дека кочанската публика го разбира фудбалот и овој пат се покажа на дело, секој добар потег и постигнат гол за „Кит Го“ беше проследен со ракоплескање.

С. Ивановски

DSCN0140

DSCN0146

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари