Кој не го гледаше саботниот натпревар „Осогово“ – „Плачковица“ одигран во рамките на 3-тото коло во Втората Фудбалска Лига – Исток нема да верува, но оние кои беа на трибините на стадионот „Никола Мантов“ видоа а верувам и се уверија дека „Осогово“ располага со квалитетен фудбалски потенцијал.

„Жетварите“ овој пат се надминаа самите себе, се бореа за секоја топка, многу истрчаа со што го изненадија инаку квалитетниот гостински тим и на крајот се радуваа на трите освоени бодови.

Кога ќе го вратиме филмот од натпреварот не можеме а де не констатираме дека голманот Лазаров беше мошне сигурен, дека одбраната: Блажев, Б.Коцев, Манев, Јорданов беше беспрекорна, дека играчите од средината на теренот: Коцевски, Натков, В.Коцев, Ќосевски трчаа како маратонци, одзедоа многу топки но и ги дистрибуираа до нај истурените Манов и Атанасовски кои со своето движење ја развлекоа гостинската одбрана па затоа и беа создадени повеќе шанси за гол од кои за жал само две беа искористени.

Но, ни малку не треба да се потцени ниту играта на резервните играчи Ѓеоргиевски, Стојков и Здравков кои според минутажата што ја поминаа на зелениот терен покажаа дека кога се има желба за победа и кога се гине за секоја топка и резултатот доаѓа сам по себе.

Кога она од саботата ќе се стави на маса повеќе од јасно е дека овој тим на „Осогово“ има перспектива, само што ако сакаме добри фудбалски претстави ќе треба ѝ челните луѓе во градот да се свртат со позитивен пристап кон клубот.

Овие играчи се скромни, чесни и трпеливи, не бараат многу но барем она минималното што им е ветено треба и да биде исполнето. Тие не бараат енормни плати или премии како што е случајот во повеќето клубови од оваа лига, тие бараат малку, поточно онолку колку да си ги покријат трошоците за потрошеното време на теренот и за направените трошоци за патување.

Градот тоа може да си го дозволи, посебно одговорните во општината и бизнисмените од Кочани.

Само со мала инјекција „Осогово“ со овој потенцијал може да стигне и подалеку. Време е тоа да се направи за да не се момчињата разочараат бидејќи еднаш ако се прекине ритамот  во кој влегоа, тешко да може повторно да го фатат.

Да се надеваме дека игри како онаа од саботата, љубителите на фудбалот во Кочани ќе гледаат и во иднина.

С. Ивановски

DSCN1225

DSCN1438

DSCN1539

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари