По дождливо време и лизгав терен за игра се одигра комшиското дерби во рамките на Втората Фудбалска Лига – Исток. „Осогово“ и гостите од Македонска Каменица одиграа добар фер и коректен натпревар со две различни полувремиња а по последниот свиреж на несигурниот Дарко Стојанов, останува прашањето кој да жали за победата.

Натпреварот започна со иницијатива на гостинските играчи а домаќините својата шанса ја бараа во контра нападите. Во 14’ домаќините од една таква акција постигнаа гол но на интервенција на вториот помошник Александар Гигов голот беше поништен. Гостите од речиси својата прва посериозна шанса поведоа.

0:1 (24’) – По еден подарен аут гостите брзо реагираа, ја преносоа топката во домашниот шеснаесетник каде одбраната киксираше, топката дојде до Аксентиев кој од неколку метри мошне итро го совлада својот некогашен клупски колега Лазаров.

Примениот гол како да внесе додатна нервоза и несигурност кај домаќините, кои грешеа особено на средината на теренот, напад речиси и да немаа а нафрлените топки до денес неконцентрираниот Атанасовски беа лесен плен за гостинската одбрана.

0:2 (32’) – На една избиена топка од домашниот голман Лазаров Коцевски лошо реагираше, и таа се врати во домашниот казнен простор каде најдобро реагираше Марковски и со удар по земја донесе втора радост за „рударите“.

Самиот крај на полувремето донесе доста нервоза и на теренот и на трибините. Судијата Стојанов само поради нему познати причини наместо да го продолжи полувремето за 2-3 минути поради трите прекини и интервенциите на лекарите тој го скрати и регуларниот дел.

Второто полувреме започна во знакот на домаќините. На теренот како да излегоа некои нови играчи. Замената со влегувањето на Александар Ѓеоргиевски се покажа како полн погодок. „Жетварите“ фрлија се на една карта а гостите не знаеја буквално од каде доаѓа опасноста. Во 50’ по ударот со пета на Атанасовски топката заврши во пречката, а по слободниот удар на Ѓеоргиевски топката ги прелета сите но заврши во десниот дирек. Но среќата не можеше да биде постојано на страната на гостите.

1:2 (53’) – По една нафрлена топка во срцето на гостинскиот шеснаесетник Атанасовски итро реагираше и успеа конечно да ја погоди мрежата на до тогаш сигурниот Бобан Атанасовски.

Две минути подоцна по една нафрлена топка пред голот на гостите голманот на „рударите“ лошо ја избоксува но за негова среќа таа наместо во голот падна зад неговата мрежа.

2:2 (72’-пенал) Домаќините го израмнија заслужено резултатот. По еден изведен скратен корнер Ѓеоргиевски заплива низ воздухот и упати удар со глава но еден одбранбен играч на гостите играше со рака. Пенал за домаќините и исклучување за гостинскиот претставник поради влегување неповикан на теренот. Две минути пред тоа влезениот Стојко рутинирано биеше и донесе радост на трибините.

До крајот на натпреварот постоеше само еден тим, домашниот. Иако имаа неколку добро организирани акции не беа концентрирани во завршницата и само воздишки на трибините, Во судиското надополнување „Осогово“ можеше да дојде и до трите бода, по школски нафрлената топка од Ѓеоргиевски Тоше Манов од само еден метар не успеа да ја погоди празната мрежа.

Неколку секунди подоцна беше отсвирен крај на овој возбудлив натпревар во кој двете екипи имаа по едно полувреме.

Резултати од 5-тото коло:

„Осогово“ – „Каменица Саса“    2:2

„Брегалница“ – „Кожуф“                 3:1

„Борец“ – „Тиквеш“                         1:0

„Победа“ (В) – „Плачковица“          0:2

„Хоризонт Турново“ – „Беласица“ 2:0

 

С. Ивановски

DSCN2413

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари