Среќно освоениот бод против „Каменица Саса“ на домашен терен во вторникот не делуваше мотивирано за играчите на „Осогово“ на денешната средба против последнопласираниот „Хоризонт Турново“. А имаше идеални услови за игра, сончево време и прописно добра посетеност, но која фајда од тоа кога денес момчињата во жолти дресови денес се однесуваа како прв пат да стапнуваат на зелениот терен. Но тоа е проблем кој мора некој да го решава во спротивно денешниот натпревар ќе остави длабоки траги во зачувувањето на второлигашкиот статус.

„Осогово“ загуби од младата но мошне полетна екипа на „Хоризонт Турново“, повеќе од заслужено.

Денес младите момчиња на тренерот Шефки Арифовски им покажаа на играчите на „Осогово“ како се гине за сопствениот клуб, со доста трчање и со добра и ефикасна игра.

Дека денешниот ден ќе биде пеколен за домаќините се виде уште во 4’ кога по нафрлениот корнер од левата страна заспа комплетната домашна одбрана но капитенот на гостите Глигоров не успеа од само 2-3 метри да ја смести топката во мрежата на Лазаров. Десет минути подоцна идентична акција, повторно корнер од десната страна Лазаров лошо интервенираше но ударот со глава на еден гостински играч, Коцев успеа од самата гол линија да го блокира и да ја исфрли топката во поле.

0:1 (29’) – Веќе немаше кој да ја спасува мрежата на „жетварите“ па гостите повеќе од заслужено поведоа. Цонев уфрли во празно а Крстовски од само два метри ја спроведе топката во мрежата.

1:1 (32’) – Одличен продор на Јорданов до срцето на гостинскиот казнет простор топката дојде до осамениот Натков кој ја погоди празната мрежа.

И наместо нови налети, играчите на „Осогово“ како да застанаа, што го искористија одличните напаѓачи на гостинскиот тим. Во 43’ Цонев бие од поволна позиција но Лазаров одбрани за да една минута подоцна гостите повторно дојдат во водство.

1:2 (44’) – Цонев дојде до топката и од работ на шеснаесетникот упати удар по земја кој заврши во десниот долен агол на немоќниот Лазаров.

1:3 (45’) – Михаилов се реши на удар надвор од шеснаесетникот,  Лазаров се испружи колку што е долг, но за негова несреќа топката отседна во левиот долен агол по што судијата Истатов означи крај на полувремето.

Во вториот дел домаќините само се обидуваа без ништо посериозно да сторат а младите гостински играчи како вистински професионалци знаеја како да играат и како да ја одолговлекуваат играта. Се чини дека малку и судијата се подзагуби па во овој дел од играта па наместо фудбал видовме многу расправии и дури седум жолти картони.

Во 56’ Коцевски успеа да добие топка на центарот од игралиштето и да појде кон голот на гостите, но Дончов најпрвин неколкупати го повлече а потоа и стартуваше малку погрубо по што побегна кон својата клупа свесен за она што го направи. И наместо да биде награден со црвен картон, Истатов му покажа само жолт. Од тој момент судијата по се изгледа свесен за грешката почна да помага на домаќините со доделување непостоечки корнери, картони за гостите и измислени фаули. Круна беше 70’ во гостинскиот шеснаесетник дојде до контакт на Атанасовски и Амедов а судијата веднаш покажа на белата точка што беше проследено со насмевка од гледалиштето. Ударот на Стојков со прекрасна интервенција Мишовски го исфрли во корнер. До крајот за одбележување и ударот на Атанасовски по кој топката го погоди местото каде се спојуваат левата статива и пречката.

Гостите повеќе од заслужено дојдоа до првите три бода а домаќините ги оставија да размислуваат како понатака.

Комплетни резултати од 6-тото коло во Втората Фудбалска Лига-Исток

„Осогово“ – „Хоризонт Турново“         1:3

„Каменица Саса“ – „Кожуф“           1:3

„Тиквеш“ – „Брегалница“                2:3

„Беласица“ – „Победа“ (В)               3:1

„Плачковица“ – „Борец“                  1:0

С. Ивановски

 

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари