„ОСОГОВО“ КАКО БУРЕ БЕЗ ДНО

Во Спорт
септември 16, 2023
1 минути

Ова не е случајност, ова веќе станува пракса, на кого и да му затребат бодови ќе си го чека натпреварот со „Осогово“ и било да го игра дома или на страна трите бода на контото му се сигурни. Така беше изминатите четири кола, така продолжи и во петтото коло во кое „жетварите“ го забележаа и третиот пораз на домашен терен.

Денес „Осогово“ како домаќин претрпе пораз од борбената и за две класи подобра екипа од „Охрид“со 0:3 (0:2), но повеќе од загрижувачки е што кочанските „жолто-сини“ упатија еден единствен директен удар кон противничкиот гол и тоа на 2-3 минути пред крајот на средбата.

Денес гостите играа фудбал, а домаќините само трчкараа што ги разочараа гледачите, посебно „Сејмени“ кои по подолго време решија да се вратат на трибините и да му помогнат на клубот како би дошол до првата второлигашка победа. Но за жал, желбата е едно а реалноста сосема друго.

Играчите на „Охрид“ постигнаа три погодока по школски изведени и уиграни акции а ако и денес на голот на кочанчани не беше расположениот Ѓорѓи Јованоски кој спаси четири зицера победата на „рибарите“ ќе беше уште поубедлива.

Гостите поведоа во 7’. По една нафрлена топка меѓу последната линија на домаќините се уфрли Хусеин Демири и со глава од неколку метри го матираше немоќниот Јованоски. Неколку минути нова убава акција на „Охрид“, по нафрлената топка од десната страна домашниот голман со прекрасна интервенција спаси нов погодок во неговата мрежа. Се играше 19’ кога гостите повторно нападнаа преку десната страна, по центрираната топка следуваше удар од шест метри кој Јованоски со крајни напори го одбрани но на негова жал топката дојде до осамениот Оливер Дишлиевски и од никого не чуван биеше во небранетата мрежа со што гостите го зголемија водството. Само што тргнаа од центарот Емил Скоко доби употреблива топка на десната страна и откако влезе во шеснаесетникот следуваше удар но на негова жал топката заврши во левиот дирек на домашниот гол. Во 43’ нова школска акција на „рибарите“ но ударот на Оливер Дишлиевски од само неколку метри Јованоски го одбрани.

Во второто полувреме гостите задоволни од водството им ја препуштија средината на домаќините а својата шанса ја гледаа од контра нападите. Од една таква акција падна и третиот гол. По едно нафрлување од десната страна топката дојде до осамениот Емил Скоко кој со удар со глава донесе нова радост и за неговите соиграчи и за десетината навивачи кои допатуваа од Охрид.

До крајот на натпреварот две добри интервенции на домашниот голман беше единственото возбудливо што го видоа разочараните петстотини гледачи.

Резултати од 5-тото коло:

„Осогово“ – „Охрид“  0:3

„Беласица“ – „Победа“  3:1

„Новаци“ – „Башкими“  1:0

„Каменица Саса“ – „Тетекс“  1:2

„Детонит Плачковица“ – „Беса“  2:0

„Кожуф“ – „Пелистер“  3:2

„Караорман“ – „Аресими“  0:6

„Вардар„ (Н) – „Скопје“  2:0

Во следното 6-то коло „Осогово“ ја пречекува „Беласица“.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ