Не поминаа ниту три дена од изборот на новиот Градоначалник на Општина Кочани и на новиот состав на советници, уште тие не седнале во своите столчиња а веќе во градот се појавија луѓе кои сметаат дека токму тие се едни од најзаслужните за она што се случило за време на изборите, па веднаш преку „леб бараат погача“.

Веднаш тие кажуваат кој директор треба да си замине а кој да дојде на негово место, кој раководител ќе биде сменет, кои луѓе ќе летаат од работа, едноставно се однесуваат како да навистина од нив зависи се, а тие се само една група која страда од комплексот на висока вредност и ништо повеќе.

Ваквиот нивен арогантен однос на самиот почеток по новиот избор ја руши целата онаа идеја за фер избори и после изборно однесување која беше дел од кампањата на новиот градоначалник.

Но за нив како да не постои никој, тие се и над новиот Совет, и над Градоначалникот а богами и над партијата, барем така се однесуваат.

И пред нив изминатите осум години низ градот имаше такви „Шерифи“ па затоа пред три дена народот го казни таквото нивно однесување.

Да се разбереме, не дека ќе нема промени, ќе има, но онаму каде законите тоа го дозволуваат. Оние кои имаат договор на одредено време а им е завршен, ќе треба мирно да си заминат од тие работни места. Оние кои се вработени или преместени на други работни места непосредно пред изборите  ќе треба ако не е тоа законски да си заминат. Значи има модел на „отпуштања“ и поставувања само тоа треба да биде во рамките на законите на Република Македонија, а не на улицата и на неповиканите.

Обичниот народ веднаш го нотираше ваквото однесување на поединци, а тој е токму тој кој памти а не заборава. А следните четири години, ќе поминат многу бргу, бргу како четири дена. Тогаш народот ќе го донесе својот суд повторно.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари