На отворањето на годинешната фудбалска сезона, „Осогово“ ги разочара своите гледачи. Во натпревар во кој „жетварите“ за време на деведесет минути не создадоа ниту една посериозна шанса за гол загубија од „Овче Поле“ со резултат 0:2 (0:0). Малобројната публика во првото полувреме не виде ништо од фудбал. И двете екипи повеќе играа на средината на теренот без некоја посериозна амбиција кон противничкиот гол. Во сличен тон започна и второто полувреме. И се така беше до 68’ кога гостите поведоа. Игор Тодоров прими топка на работ од шеснаесетникот на домаќините, прекрасно биеше и топката најпрвин удри во пречката се одби од гол-линијата и заврши во мрежата на немоќниот Лазаров. Евро голот на гостите внесе нервоза во редовите на домаќините и по само четири минути нова радост за овчеполци. Доневски упати удар од голема далечина а подзаспаниот Лазаров дозволи топката да му помине низ рацете и нозете и да заврши во неговата мрежата. До крајот домаќините се обидуваа барем да постигнат почесен погодок, а гостите од брзи против напади создадоа уште две шанси за гол кои не ги искористија. Се на се слаб натпревар посебно од страна на домаќините со кој се потврдија претпоставките дека без некои засилувања „Осогово“ и годинава ќе се бори за опстанок. Резултати од првото есенско коло: Осогово – Овче Поле 0:2 Слога 1934 – Работник 1:2 Каменица Саса – Беласица 0:2 Карбинци – Брегалница Голак 0:3 Плачковица – Напредок Здравје 8:0 Баби – Академија Пандев 0:4 С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари