Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев со денешната прес конференција си остана на зборот поточно на ветувањата дадени за време на кампањата дека ќе биде транспарентен кон граѓаните.

На денешната прва таква прес конференција излезе со фрапантни податоци околу задолжувањето на општината заклучно со 25 Октомври, поточно до пред неговото стапување на функцијата Градоначалник.

Илијев соопшти дека долговите и обврските на општинскиот буџет се поголеми од приходите и мали се шансите истите да бидат покриени во краток период. Поради овие податоци тој оцени дека состојбата во Кочани е многу лоша.

„Првичната анализа која ја направивме, односно ја направија службите на Општина Кочани покажува дека нашата општина во моментот е неликвидна, со други зборови, трошоците што ги имаме не се покриваат со приходите што ги добиваме секојдневно. На функцијата Градоначалник сум од 25 Октомври, и според информациите што ги добив од моите соработници, ние во моментот на тековната сметка имаме долгови по основ на обврски што се направени во изминатиот период, значи тековни, по фактури, околу 48 милиони денари. Тоа значи дека обврските денеска што лежат за подмирување, само по основ на тековни обврски, се околу 800 илјади евра “ беше она што на почетокот на пресот го истакна Илијев.

Освен овие долгови Општината има и финансиски обврски за отплата на ратите од земените кредити од Светска банка, од кои едниот кредит има остаток за враќање од 19 милиони денари до 2022, односно нешто повеќе од 300 илјади евра, а другиот што доспева за враќање до 2027 година е на износ од 57 милиони денари, односно околу 1 милион евра. Освен нив, има невратена краткорочна позајмица од Буџетот на државата во висина на 3,5 милиони денари што не е подмирена со години, како и други обврски по основ на изведени проекти, а за што пристигнуваат фактури. На крајот, кога ќе ги собереме севкупните обврски што произлегуваат од долговите на основниот буџет, излегува дека нашата Општина е презадолжена и неликвидна општина, односно задолжена со 157 милиони денари, или со други зборови, нашата Општина има долгови за враќање по сите основи од 2,6 милиони евра.

На овие долгови треба да се додадат и неплатените обврски на училиштата во Општината што изнесуваат вкупно 43 милиони денари или над 700 илјади евра, поради што едно училиште веќе има блокирана сметка, а наскоро тоа може да му се случи на уште едно, додаде Илијев. Исто така, трошоци на буџетската сметка се направени и со неодамна завршените локални избори во висина од 2,5 до 3 милиони денари.

Сепак, и покрај ваквата состојба Илијев рече дека ќе работи на поправање на финансиската состојба.

„За да може Општината понатаму да продолжи да функционира, ни следи за жал, најбрзо што е можно ребаланс на Буџетот за 2017 година се со цел да го доведеме во рамки каде што ќе можеме колку-толку нормално да функционираме. Со ребалансот ќе предвидиме кратење на приходите кои веќе се предвидени, а ги нема, меѓутоа на другата страна ќе ги скратиме и расходите кои преостануваат уште за реализација“ додаде Илијев.

Според градоначалникот, и покрај сериозноста на задолженоста, не треба да има паника, затоа што ќе се бараат начини за наплата на побарувањата што ги има Општината, а ќе се разговара и со доверителите да помогнат во надминувањето на задолженоста и постепено да се плаќаат обврските кон нив.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари