Во рамките на 3-тото коло од Втората футсал лига на Македонија вечерва во салата „Никола Карев“ во Кочани фаворитот на хартија „Уни Паб“ загуби од екипата на „Овче Поле“ 2:4 (1:3).

Домаќините како да не го сфатија сериозно минатогодишниот пораз од истиот противник па опуштено му пристапија на вечерашниот натпревар, што на крајот им се „удри од главата“.

Домаќините натпреварот го започнаа со напади но на голот на гостите вечерва стоеше одличниот Монев кој како да имаше сто раце, па топките кои гледачите ги видоа во неговата мрежа тој со фантастични реакции ги бранеше што внесуваше нервоза кај „келнерките“.

И кога неколку напади домаќините не реализираа стигна казната. По еден изведен слободен удар еден од напаѓачите на светиниколци ја закачи топката и го смени правецот и на семафорот стоеше 0:1.

Играчите на „Уни Паб“ продолжија со нападите но гостите од два удари откосо постигнаа два гола а при тоа домаќините од трите досудени пенали реализираа само еден и на одмор се замина со водство на „Овче Поле“ од 3:1.

Во второто полувреме сликата не се менуваше на теренот, домаќините напаѓаа но сигурната одбранбените играчи на „Овче Поле“ одлично се бранеа а со исфрлање на топката што подалеку од својот гол го „топеа“ времето. Сепак во четвртата минута од вториот дел мрежата на извонредниот Монев повторно се заниша што влеа надеж дека домаќините можеби ќе направат пресврт. Напаѓаа во бранови, шутираа но топката или одеше покрај голот или беше сигурен плен на гостинскиот голман.

Во последната минута „Уни Паб“ го заменија голманот и со пет играчи во поле се обидуваа да стигнат барем до бод, но на 17 секунди до кракот Монев одбрани една топка и брзо ја упати во празната мрежа на „келнерите“ што значеше победа за екипата од Свети Николе.

Следното коло се игра градското дерби, во кое „Торпедо“ ќе му биде домаќин на „Уни Паб“ што ќе претставува голем предизвик салата да биде исполнета до последното место.

С. Ивановски

DSCN6582

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари