Министерот без ресор во Владата на Република Македонија, Самка Ибраимовски, ја посети Општина Кочани при што оствари средба со градоначалникот Николчо Илијев.

„Овде сум да разговараме и да ги планираме средствата што можат да се наменат за решавање на проблемите на ромската заедница. Потребно е заеднички да се посветиме и на инфраструктурни прашања и на горливиот проблем со домувањето“  рече министерот Ибраимовски.

Градоначалникот Илијев ја нагласи подготвеноста на Општината да соработува со проекти, потсетувајќи на потребите за асфалтирање улици во Ромското Маало, изградба на канализациски и водоводни краци.

Илијев разговараше за можноста за решавање на проблемот со населувањето на Старата касарна, којшто со децении му тежи на Кочани. Општината покажа подготвеност да изработи проект, да најде локација и да изработи фундамент за монтажни бараки за домување на Ромите, за кои како што вети министерот, ќе бидат обезбедени средства од донации наредната година.

Градоначалникот Илијев ја истакна и потребата од менување на некои навики и однесувања во ромската заедница коишто ја отежнуваат реализацијата на инфраструктурните проекти.

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари