Салата на Советот на Општина Кочани беше претесна да ги прими сите заинтересирани што сакаа да учествуваат на Јавната трибина во врска со предлог програмата за спорт за наредната година.

Во една вжештена атмосфера сите сакаа што поголем да биде нивниот колач кога ќе се делат средствата за спорт. Од Општината на присутните им беше предложено да се утврди систем на бодување на успесите на спортските екипи.

Сепак со цел да се смири топката и да се изнајде решение подеднакво добро што ќе биде за сите страни беше да се формира комисија од присутните која ќе го решава овој проблем, но како по некое непишано правило секој клуб сакаше да има свој претставник во комисијата па и оваа идеја остана само како предлог.

„Знам, убеден сум дека овие средства се далеку од доволни, меѓутоа сум убеден дека на еден ваков чекор како што се одлучивме за еден клуч за распределба на средствата, односно на колачот од Буџетот наменет за спортот, на спортските клубови ќе им овозможи навреме да го знаат тоа што ќе го добијат и да си ги планираат средствата. Имаше различни укажувања дека до сега им било ветено, но неисплатено, не знам што и како, овој начин за кој ние се залагаме мислам дека ќе придонесе тоа што го зборуваме и тоа што им следува по клучот и ќе го добијат“ рече Николчо Илијев, Градоначалник на Општина Кочани денес по завршувањето на 3-тата седница на Советот на Општина Кочани.

Инаку Законот за локална самоуправа е јасен, според него Општините не можат да бидат директни спонзори на спортските клубови, туку треба да обезбедат услови за развој на рекреативниот и масовниот спорт, да организираат и да помагаат спортски пригодни активности и манифестации од значење за локалната самоуправа и да ги одржуваат спортските сали, терени и рекреативни игралишта.

С. Ивановски

DSCN7138

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари