Народот е тој што дава, но и тој што зема.

На последните Локални избори Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија по трет пат ја доби довербата од народот во огромниот број на општините во државата. Сето тоа е јасен показател дека претходната власт некаде грешела до толку, што народот ја казни.

Така беше во речиси целата држава, така беше и во Општина Кочани.

Добиените 7.895 гласа на претходниот градоначалник Ратко Димитровски во однос на 11.622 на актуелниот Николчо Илијев покажуваат каква била желбата на народот, но и каква била огорченоста од владеењето на оној што не го доби третиот мандат.

Народот е тој што дава, но и тој што зема.

По се изгледа дека овие податоци што на сите им се познати, на оние од аналитичкиот центар во ОО на СДСМ – Кочани не им покажуваат ама баш ништо.

Историјата и овој пат се повторува, повторно едни те исти грешки. „Власт е сласт“ но не до толку да се подзаборават, но по се изгледа некои се подзаборавија иако власта им е во раце не повеќе од месец и половина.

Дека тоа е така покажуваат огромното реагирање на членството за направените списоци за поставување на високи кадри и за вработување онаму каде што има слободни места. А на нив кој ако не оние, или нивни најблиски, кои и во претходните мандати ја „водеа“ општината.

Кочани е општина со голем број млад и паметен кадар. Тоа се однесува и за едните а и за другите (така некој одамна го подели Македонскиот народ). Иако голем број од тој млад кадар е со високо образование, иако тој млад кадар беше водечката сила посебно на последните избори, сепак и овој пат по се изгледа сè чини дека ќе си остане со подотворена уста, ќе остане како млад потенцијал и ништо повеќе.

Во кулоарите веќе на големо се поставува прашањето „Кој е социјалдемократот, авторот што ја креира кадровата политика во градот“?

Како инаку да се протолкува податокот дека семејства со 4-5 членови меѓу кои има и со високо образование никој повторно не ги есапи околу некакви вработувања, туку се сè сведува на моќниците, да си ги вработуваат свои најблиски: сестри, браќа, снаи, зетови, кумови, братучеди од второ, братучеди од трето колено, деца на веќе ситуирани, кои од луксуз не знаат што да прават.

Тие што и овој пат ќе извисат, кај минатата власт не ги есапеа бидејќи ја немаа црвената книшка со жолтото лавче, а сега иако ја имаат сината книшка со жолтата петокрака и стиснатата тупаница во неа, повторно ќе извисат, бидејќи некој не сака воопшто да се заморува со нив и нивните проблеми

Претходната власт во општината падна, дали со ваквото водење на политиката по само четири години и оваа власт ќе падне?.

Одговорот ќе се дознае по четири години кои ќе поминат како четири денови.

Народот е тој што дава, но и тој што зема.

ПС Дека народот е тој што дава, но и тој што зема покажуваат податоците од последните „Локални избори“. Дека народот не им верува на претходните „владетели“ а сака нови лица се податоците за листата на советници во однос на онаа за градоначалник. Имено за Градоначалникот Николчо Илијев гласаа 11.622 а за Листата на советници 10.570. Разликата од 1.052 гласа отиде „јабана“. Гласачите покажаа дека не им веруваат на ветераните, па затоа разликата што се појави во гласовите нека ја побараат кај независната листа на советници предводена од Венко Крстевски. Тоа е факт пред кој треба да молчат.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари