Наместо повисока, граѓаните на Општина Кочани ќе плаќаат пониска тарифа за вода за пиење од онаа што ја бараше КЈП „Водовод“ – Кочани.

Според решението на Регулаторната комисија за енергетика не е прифатено барањето на КЈП „Водовод“ – Кочани за покачување на цените на услугите за периодот од 2018 до 2020 година.

Во известувањето стои дека утврдените тарифи од страна на Регулаторната комисија за енергетика се во согласност со Методологијата за просечни тарифи, што значи дека давателите на водни услуги, во утврдените рамки, сами ќе ја спроведат висината на тарифата за домаќинствата и за останатите корисници.

Во Решението на Регулаторната комисија за енергетика стои дека КЈП „Водовод“ побарало минималните просечни тарифи за снабдување со вода за пиење и за собирање и одвод на урбаните отпадни води  за 2018 година да се зголемат во просек за 2,96% од постојаните тарифи. Комисијата спротивно на барањето одлучила минималните просечни одобрени тарифи за овие две водни услуги да се намалат за 24,24% во однос на постојаното ниво.

Сепак по завршувањето на изградбата на пречистителната станица за отпадни води што се очекува да заврши во 2018 година. КЈП „Водовод“ ќе може да наплатува и тарифа за услугата, прочистување на отпадни води. И овде не поминал предлогот на КЈП „Водовод“ кое побарало минималната просечна тарифа за оваа услуга да изнесува 17,67 ден./м³, туку од страна на Регулаторната комисија утврдено е минималната просечна тарифа за услугата да изнесува 12,21 ден./м³.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари