ДО КОГА НЕОДГОВОРНО ЌЕ СЕ ОДНЕСУВАМЕ?

ноември 22, 2023
1 минути

Не чекавме да поминат ниту три години од реновирањето на Градскиот Трговски Центар во Кочани па повторно со нашето неодговорно однесување да го подготвиме за ново реновирање. Таков народ сме и таков ќе останеме а се што нема да има убав лик отворено ќе критикуваме без да ја преземеме одговорноста дека и ние сме дел од оние кои ја креираа најновата слика на трговскиот.

Што треба да се направи за да почнат да реагираат одговорните служби во градот. Да постават армирани столбови на сите приоди кои дозволуваат влез на возила до плочникот во трговскиот центар, да поставуваат дежурни служби кои секоја аномалија уредно ќе ја пријават во општината или конечно да се постават надзорни камери кои ќе ги снимаат оние кои освен личниот профит воопшто не се грижат за заедничкиот имот.

Сведоци сме дека старите навики тешко се искоренуваат а тоа пред се сẻ мисли на сопствениците на угостителските објекти или на сопствениците на дуќаните.

Речиси секојдневна е сликата како со возила вршат дотур на  роба до пред своите дуќани без да помислат дали од тежината на возилото ќе се оштети или не поплочениот дел во трговскиот. Ништо помала не е и сликата за време на викендите кога нон-стоп нешто се реновира или доградува, кога се паркираат возила натоварени со железо, бетон или некој друг материја и тоа на новиот плочник.

Иако сите тоа го гледаме како да не сме заинтересирани тоа да го спречиме за да не дојдеме во конфликт со тие што реновираат или со тие што си вршат дотур на роба до самиот дуќан. И се додека вака размислуваме полека но сигурно ќе ја враќаме грдата слика на трговскиот каква што беше пред неговото реновирање.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ