„Поради катастрофалните резултати во првиот дел од сезоната управата и стручниот штаб на ГФК Осогово не сметаат на вас во понатамошниот дел од сезоната. Доколку ви е потребна документација обратете се кај секретарот на клубот Симеончо Стоиков на број ………“ ова е пораката што новата управа на ГФК „Осогово“ им ја испрати деновиве на Мирче Натков, Петар Лазаров, Благојчо Коцев, Борче Максимов, Пепи Данилов, Кире Стојков и Мартин Ѓорѓиев играчи кои на плеќите понесоа голем дел од минатото првенство во кое по пет години пауза „жетварите“ се вратија во второлигашката конкуренција.

Помалку зачудува ваквиот однос на новите луѓе кои го презедоа кочанскиот второлигаш, ги исфрлија од клубот грото домашни играчи а доведоа млади според нив надежни играчи од други средини.

Без да сакаме да го омаловажиме квалитетот на новите имиња во „Осогово“ сепак овој арогантен однос кон своите досегашни играчи не требаше на ваков начин да се случи.

Точно е дека управата односно оној кој наоѓа финансиски средства и одлучува за тоа кој ќе игра а кој треба да си оди, но редот требаше можеби да биде и поинаков, да се повикаат играчите и отворено во очи да им се кажат причините зошто на нив повеќе нема да се смета.

Сето ова поттикнува едно прашање: што ќе се случи следната година доколку „Осогово“ случајно испадне од втората лига. Кои играчи ќе настапат тогаш за „жолто-сините“ бидејќи играчите од страна сигурно нема да сакаат да играат во третолигашка конкуренција.

Но, подготовките само што започнаа, во третата фаза од нив ќе дојдат на ред и подготвителните натпревари на кои ќе се види дали некој направи грешка или не, но како и да е оној што ја донел ваквата одлука тој си ја презема и одговорноста.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари