Подобрена е грдата слика што подолг период беше карактеристична за дворната површина околу поранешниот хотел „Турист“, односно „Центар“ во Кочани.

Денес екипи на КЈП „Водовод“ интервенираа во собирањето на купиштата отпадоци и во расчистувањето на околината на објектот што со години стои запуштен.

Според в.д. директорот на КЈП „Водовод“ – Кочани Андреј Киров комуналното претпријатие нема обврска да го чисти просторот на поранешниот хотел, затоа што се работи за приватен објект, иако за дворната површина имало нерасчистени имотно-правни односи, односно земјиштето се уште официјално се води во државна сопственост. Но и покрај тоа, комуналците самоницијативно презеле обврска во иднина неколкупати годишно да го чистат дворното место за да се избегне создавањето нова депонија, но ги повикаа и граѓаните да дадат свој придонес.

Последните реакции на граѓаните го вклучија алармот за надлежните дека објектот и околината на поранешниот хотел во Кочани е убедливо една од најгрдите и најзапуштени локации во централното градско подрачје. Од комуналната инспекција рекоа дека им се врзани рацете поради нерасчистената сопственост на просторот, но во соработка со КЈП “Водовод“ ќе издаваат налози за редовно одржување во рамки на надлежностите.

И покрај ова останува отворено прашањето кога конечно сопственикот на објектот ќе преземе активности за негово средување, со што и овој дел од градот ќе добие подобар изглед и нема да буди чувство на јавен срам поради нечија несовесност и неодговорност.

P1640130

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари