Дискусиите по втората точка од дневниот ред „Предлог-план за вработување во КЈП Водовод – Кочани за 2018 година“ уште на самиот почеток на 6-тата седница на Советот на Општина Кочани го подигна адреналинот кај советниците од опозицијата и власта. Иако законска обврска е овој документ да добие согласност од советниците и истиот да се достави до Министерството за информатичко општество и администрација сепак натегањата околу тоа колку треба да има вработени и тоа кој колку вработувал и како работел во изминатиот период беше тема на расправа на советниците од опозицијата и власта.

„Во 2009 година, кога се смени власта во КЈП “Водовод“ беа затекнати 257 вработени, моменталната состојба е 208, значи повеќе години се работеше на намалување на вработените, за сега за неколку месеци од вашето владеење истите да ги зголемите на повеќе од 2009 година што било, значи 267, значи на крајот од годината треба да имаме 267 вработени“, рече Снежана Хаџи Паунова.

„За разлика од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, сакаме да поставиме еден нов систем, нов начин на владеење во којшто најважно или пред се би било транспарентноста пред граѓаните, отчетноста пред граѓаните, но не фиктивна, туку вистинска, Затоа, убаво споменавте дека планот треба да се донесе до 31 март за следната година, јас ќе ве прашам дали воопшто има донесено план за вработување во комуналното претпријатие во последните 8 години. Не, затоа што тоа е единствено дискреционо право на директорот на комуналното јавно претпријатие. Ние нема така да работиме, значи мора да донесеме план, граѓаните треба да се запознаени дали ќе има нови вработувања и колку ќе бидат тие нови вработувања во општинската администрација и во Ллокалната самоуправа, меѓутоа и во комуналното јавно претпријатие“ рече Ѓорѓи Алексов.

Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалициските партенри Лазо Митев посочи: „Мораме да кажеме дека вие го осудувавте претходното раководство и работењето на градоначалникот, дека биле превработени. Само да ви кажам, за информација, тоа го кажа и колешката, во 2009 година имало 260 и не знам колку вработени, ние стигнавме до 230 вработени. Со тоа што, за разлика од ова што сега се прави, значи за планот мора да знаат граѓаните, во ова повеќе од 80-90 отсто станува збор за вработување на лица во администрација. Таа превработеност знаете ли кого ќе оштети, ќе ме оштети мене и вас и граѓаните ѝ сите“.

„Ако денеска работат 208 вработени, а во 2009 година работеле 257, а се планира за 2018 да имаме 267 вработени, дали овој план ќе биде остварен за 2018, и дека на крајот на годината ќе имаме 267 вработени и ако може директорот, тука присутен, да ми одговори, колку ќе има вработени со договор на дело“, рече Јордан Димитров, член на Советот на Општина Кочани.

По прашањето на Гордана Антова Координатор на советничката група на СДСМ и коалициските партнери зошто сега треба да се донесе план за вработување за 2018 година и зошто истиот не е донесен претходната година, директорот на КЈП „Водовод“, Андреј Киров рече: „Овој план, кој го имате добиено, можете да видите дека датум на подготовка е 31. март 2017 година, значи овој план е од претходното раководство во комуналното јавно претпријатие, оваа бројка е од тогашната дата кога е изготвуван планот и овие вработувања, 56 нови, се од тогаш. Имаме направено интервенција во делот на преместување, интерни преместувања, каде бројката е 36 луѓе, во делот што го опфаќа проектот за пречистителната станица за отпадни води и во тој дел е направено преместување во институционалниот дел. Во техничкиот дел од проектот се уште не опфатено во овој план и тоа ќе го направиме со планот за 2019 година што ќе го поднесеме до март оваа година“ за да веднаш потоа одговори и на прашањето упатено од Димитров околу моментно вработените во претпријатието „Моментална бројка на вработени во “Водовод“ се 235 луѓе, и во моментот времени вработени се 39, преку Агенција за времено вработување. Ова е само план, не е нешто облигаторно, ова може да се оствари во целост, а може да не оствари и воопшто, да има нула отсто реализација“.

Токму објаснувањето на директорот на КЈП „Водовод“ – Кочани Андреј Киров ги смири страстите па планот за вработување за оваа година во КЈП „Водовод“ со мнозинство гласови беше усвоен.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари