Уште еднаш вандалите, односно оние на кои домашното воспитување им е табу тема се покажаа на дело. Овој пат цел на нивното вандалско однесување беа дрвените клупи и маси кои пред година и половина беа поставени во природниот парк кај големиот водопад над езерото „Гратче“.
Минатиот викенд љубители на природата додека шетале околу „Гратче“ забележале дека сите клупи и маси биле фрлени во водите на „Голема Река“.
Која е причината за ваквото вандалско однесување никому не му е познато но се претпоставува дека тоа е дело на некој или на група од оние зависниците, бидејќи човек со здрав ум не прави вакви глупости, односно не се однесува вака вандалски кон општествените добра.
За потсетување само. Кон средината на месец Јуни 2016 година клупите и масите беа поставени како дел од проектот „Промоција на природните вредности и биолошката разновидност на Водопадите на езерото „Гратче“ – Општина Кочани“, проект, кој се изведуваше преку Програмата за зачувување на природата на Република Македонија.
Од самото поставување па до денот кога некој ги фрлил во водите на „Голема Река“ клупите и масите им служеа на излетниците, односно на оние кои сакаа да уживаат во природните убавини на овој дел од околината на езерото „Гратче“.
Крајно време е некој од надлежните органи да го повлече првиот потег, да преземе мерки да се откриваат ваквите сторители, бидејќи слика што се гледа од фотографиите навистина е грда.
С. Ивановски
Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.