Дали најтрофејниот клуб во „градот на оризот“ БК „Спартак“ е пред згаснување, е прашањето на кое во моментот тешко дека ќе може некој да даде точен одговор. Но како што стојат работите клубот е пред згаснувањето бидејќи борачи нема, управа нема, тренери и има и нема, има ама нема кој да тренираат а нема, бидејќи самите си се поставиле за тренери.

Но да почнеме од последното нешто што му се случи на БК „Спартак“. Кон крајот на минатиот месец за време на преодниот рок моментно најдобриот борач на БК „Спартак“ Столе Ефтимов потпиша за „Лирија“. Во клубот моментно останаа само двајца борачи Петар Костов и Александар Павлев кои поради лошата атмосфера во клубот најавуваат заминување во други средини.

А се започна по завршувањето на Локалните избори, кога некои самонаречени спортски работници си зедоа за право сами да си ги доделат функциите во клубот, при тоа само усно информирајќи го за тоа уште активниот Претседател на БК „Спартак“ Јордан Димитров.

Димитров ова го прифати со раширени раце, но за жал уште нема собрано храброст да закаже Изборно Собрание на кое ќе ја даде и официјално својата оставка за да потоа кој сака нека го преземе управувањето на клубот.

По сето ова што деновиве се случува тешко дека до некакво Изборно Собрание ќе дојде, па и ако дојде кого ќе води таа управа кога нема да има ниту еден натпреварувач во клубот.

По се изгледа дека она што го пишувавме па и претпоставувавме на оваа страница последниот месец од минатата година почнува да добива на тежина.

„Спартак“ не функционира, од него моментно остана само името и сеќавањата на љубителите на борењето за времето кога овој клуб редеше успеси во грко-римски стил во Првата сојузна лига во Југославија, од времето кога беше шампион на Македонија и во слободен и во грчко-римски стил, и од времето кога негови борачи како членови на репрезентацијата на Југославија, односно Македонија настапуваа на најголемите собири: Европските и Светските првенства, Олимпијадите, и на големиот број на меѓународни турнири.

Кој ќе биде виновникот доколку се случи најлошото, доколку БК „Спартак“ згасне?

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари