Почитувани претставници на општинскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ,

Вашата оцена на работата на новата локална власт во изминиве сто дена е пукање во празно.

Автогол со првата реченица и потврда дека сè што сме направиле досега е коректно и во интерес на граѓаните – затоа ВМРО-ДПМНЕ ги поддржал сите досегашни проекти и одлуки.

Јавноста знае што сработивме изминативе сто дена – затоа што работиме транспарентно и отворено – дебатираме и со граѓаните и со стручната јавност – а за сè решава Советот.

Колку за илустрација – наспрема вашите фалби за потпорните ѕидови и бетонирани улички – ние во првите сто дена добивме 13,5 милиони денари за реконструкција на Центарот за култура „Бели мугри“.

Вие ставивте нови прозорци во училиштата – но ги потонавте во долгови од 43 милиони денари.

Зборувате за партизација во образованието – а заборавивте дека на сила ги носевте наставниците на митинзи и ги претворивте во партиска машинерија.

Спомнувате зголемување на данок – заборавивте ли дека во 2009 година, со нова методологија сите граѓани добија повисоки даночни сметки. Исклучоците беа ретки, но вам веројатно ви се познати.

Неоправдано спомнувате непотизам – да ве потсетиме ли кој сè е вработен во Локалната самоуправа?

Нè загрижуваат вашето критизерство и неинформираност особено кога зборувате за цената на водата, за која сите знаат дека е намалена.

Многу од она што вие го работевте – јавноста не знае. Не може ни да претпостави колку штетни се последиците од работењето на претходната власт. Затекнавме заостанати долгови, судски спорови, безидејна и инертна раководна администрација.

Вистина е дека работиме поинаку од вас. По сто дена финансиската состојба е стабилизирана, разговараме за проекти во кои нема уцени и провизии, меѓу нив е и браната „Речани“, која ќе продолжи да се гради.

Граѓаните знаат дека сега локалната власт работи поинаку од вас: законито, одговорно, транспарентно и отчетно.

Кабинет на

Градоначалникот на Општина Кочани

Кочани,

9.2.2018 г.

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари