По 25 години пауза Славе Ефремов и Сашко Тодосиев освоија медал во пинг-понг. Овој голем успех пингпонгарите на ППК „Кочани“, сега веќе ветераните на кочанскиот пинг-понг го остварија на Државното сениорско првенство за пингпонгари и пингпонгарки кое за време на викендот (Сабота и Недела) се одржа во Штип.

Ефремов и Тодосиев стигнаа до бронзениот медал во двојки откако во еден фантастично добар натпревар за влез во полуфиналето ја совладаа минатогодишната шампионска двојка Кралев-Младенов, но и ја потрошија целата своја енергија па немаа сили да направат уште еден подвиг и да влезат во големото финале.

Во поединечна конкуренција од пингпонгарите на „Кочани“ Славе Ефремов се пласираше во осмина финалето каде беше поразен од годинешниот вице шампион Христијан Томоски.

Овој бронзен медал е со златен сјај бидејќи е освоен на едно големо натпреварување каде имаше многу млади и добри пингпонгари, но пингпонгарите на „Кочани“ Ефремов и Тодосиев покажаа зрелост во играта кога беше најпотребно и уште еднаш го потврдија старото правило дека годините во некои спортови не се важни, туку желбата за работа и менталната сила.

С. Ивановски

2_n

3_n

 

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари