Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, учествуваше на презентацијата и на дискусијата за проектот „Воспоставување на интегрирано регионално управување со отпадот во Република Македонија“ што ја организираше Министерството за животна средина и просторно планирање.

На јавната дискусија на оваа тема, на која свои обраќања имаа и министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов како Претседател на Заедниците на локалната самоуправа, премиерот Заев ги информираше градоначалниците од сите општини за иницијативата што ја презема Владата на РМ за трајно и
современо решавање на отпадот и депониите во земјата со воспоставување на интегрирано регионално управување со сметот и со современи регионални депонии.

„Оваа влада се определи за имплементирање на целосна децентрализација и зајакнување на општините во однос на нивните ингеренции и во однос на нивната финансиска самостојност. Едно такво прашање е прибирањето на сметот, неговото складирање и уништување, а последиците од неуспешните обиди директно се одразуваат на здравјето, на животната средина на нашите граѓани, како и во другите сфери како што е, на пример, производството на здрава храна“, истакна премиерот Заев во своето обраќање на дебатата.

„И самите знаете какви беа реакциите на граѓаните заради дивите депонии, заради загадениот воздух. Тие реакции се оправдани и ние сме должни овие прашања од животен интерес на граѓаните да ги решиме“, нагласи премиерот Заев.

Целото обраќање на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев кон Градоначалниците можете да го проследите преку приложениот видеоматеријал.

ИЗВОР: vlada.mk

 

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари