Денес стартуваа натпреварите од пролетниот дел во првенството на Третата Фудбалска Лига – Исток. Се играа натпреварите од 15-тото коло по кое се покажа дека лигата која започна „на мускули“ е лига која се игра само за такси на службените лица од кои извесен број од нив едноставно залутале во фудбалот.

Она што денес се случи во Свети Николе на натпреварот „Овче Поле“ – „Слога 1934“ е за анализа на работата на службените лица по која мораат некои доживотно да бидат исфрлени од фудбалот.

Уште при составувањето на записникот направен е гаф кој ќе повлече голем број на дебати за тоа кој и како ги води натпреварите. Во стартниот состав на „Слога 1934“ запишани се само 8 играчи и пет резерви иако според тренерот на екипата од Виница тие пријавиле состав од 11 играчи со уредна регистрација и извршени лекарски прегледи.

Не е јасно како делегатот на натпреварот Слободанчо Спасов од Штип, главниот судија Мише Богданов од Штип и претставниците на екипите: Штерјо Ѓоргиев (Овче Поле) и Виктор Петров (Слога 1934) потпишале записник што им го сервирал Комет администраторот Филип Григоров по кој натпреварот и се одиграл.

Веста дека во Свети Николе се играл натпревар со осум играчи во стартниот состав кај гостинскиот тим и пет запишани резервни играчи уште повеќе отвора терен за дискусии. Значи ако имало вкупно 13 пријавени играчи, во првиот состав морале да бидат запишани 11. Кој и зошто ова го направил ќе треба да се позанимаваат одговорните во ФФМ доколку имаат желба оваа ујдурма да ја расчистат.

Единствено нешто што двете екипи го испочитувале при пријавувањето на екипите е дека запазен е членот 21 од Пропозициите за 3-тите лиги во натпреварувачката 2017/2018 година, во кој стои дека секоја екипа мора да има најмалку по 5 пријавени младинци од кои најмалку тројца ќе бидат во првиот состав.

Освен ујдурмата што се случи при составувањето на записникот зачудува зошто делегатот Слободанчо Спасов од Штип дозволил натпреварот да започне без присуство на полициски службеници и дежурен лекар а во Записникот по завршувањето на натпреварот запишал : „Натпреварот се одигра според правила и прописи на ФФМ. Натпреварот не е снимен поради погреб. Котизацијата не е платена од домашната екипа“.

Дека лигата започна „на мускули“ со цел службените лица да почнат на време да си ги наплатуваат таксите, покажува и еден друг податок. Натпреварот „Кит Го Пехчево“ – „Зрновка“ не се одигра бидејќи гостите поради немање играчи не допатуваа на мегдан на лидерот а и клубот од Зрновци поради немање доволен број на играчи ја нема уплатено котизацијата.

Што ќе се случи доколку во следните неколку кола уште една екипа го прекине натпреварувањето е прашање зад кое мора да се подзамислат оние кои наредија почеток на пролетниот дел од првенството во Третата Фудбалска Лига – Исток.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари