По само две одиграни кола се потврди она што сите го знаеја освен оние на кои тоа не им одговараше  а им е доверено водењето на Третата Фудбалска Лига – Исток.

Требаше да поминат само две кола за да лигата се намали за една екипа и наместо досегашните 8 да почне да брои 7.

Имено екипата на „Зрновка“ во првото пролетно коло не отпатува на натпреварот против „Кит Го“ а во второто иако домаќин не се појавија на теренот за делегираниот натпревар против „Рудар“ од Пробиштип, па согласно Правилникот за натпревари на ФФМ член 103 став 4, екипата се исфрла од понатамошниот настап во лигата.

Но иако и пред ова коло се знаеше дека „Зрновка“ нема да го игра натпреварот а згора на тоа ја нема уплатено ниту котизацијата, за овој натпревар беа делегирани судии од Свети Николе и Штип како и делегат и контролор, службени лица кои дебело ќе си го наплатат доаѓањето во Зрновци.

Да е проблемот само „Зрновка“ можеби и ќе помине некако, но проблемот се и скоро сите останати клубови во лигата.

Иако клубовите домаќини имаа известување дека пред натпреварите од 16-тото коло (се одигра во неделата) беа должни  на делегатите да ги покажат уплатниците за платена котизација, тоа не е сторено ниту во Делчево (Брегалница – Слога 1934) ниту во Берово (Малеш – Овче Поле) туку домаќините усно кажале дека платиле и им било дозволено да ги одиграат натпреварите.

Ако во минатото коло делегатот на натпреварот „Овче Поле“ – „Слога 1934“ во Записникот имаше констатирано дека домаќините ја немаат платено котизацијата, а во меѓувреме светиниколци со став дека немаат намера ниту да ја уплатат, ако „Кежовица“ чека сите да уплатат па и таа да го стори истото, ако од „Рудар“ не сакаат да зборуваат на темата дали е уплатена котизацијата, излегува дека комплетното пролетно првенство ќе го покријат само „Кит Го“ и „Слога 1934“ кои ги имаат уплатено потребните средства.

По сето ова излегува дека само тие два клуба ќе го финансираат пролетното првенство, односно само од нивни средства ќе се исплатуваат службените лица а и хонорарците на кои им е доверено водењето на лигата ќе си земат од колачот.

По сите овие нерегуларности, во кои челниците во Третата Фудбалска Лига – Исток за некои клубови се мајка, за други маќеа, некој треба и да го постави прашањето „Има ли иднина Третата Фудбалска Лига – Исток“?

Според сегашноста, таа започна, но тешко дека и ќе заврши.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари