Минатите години администрацијата во Локалната Самоуправа – Кочани молчеше како залиена кога ќе им се поставеше прашање „Дали Дедо Мраз делел пакетчиња во вид на плацови на Пониква?“ .

Сега има нови луѓе кои ја водат општината и редно е да го проверат она што на големо со години се зборува по кулоарите.

Во изминатите години на „Пониква“ со јавно надавање се купија голем број на плацови за изградба на викенд куќички и за изградба на стопански објекти, но дали сите сопственици го стекнаа својот имот преку јавно надавање, или пак …….

Време има доволно, па можеби моментот е сега да се испита сопственоста на плацовите и еднаш засекогаш да се стави крај на   озборувањата.

Втората работа што доста е актуелна кога ќе се отвори оваа тема е прашањето зошто некои од оние што пред неколку години купиле плацови преку јавно надавање  уште ги немаат започнато а не пак изградено, иако според договорите одамна ги имаат пробиени сите рокови.

А и приказната дека „Пониква“ мора да израсне во голем туристички центар вака не се прави. Која фајда од изградбата на викенд куќички и стопански објекти кога вода има само за мал број од сопствениците, кога канализациска мрежа не е поставена, кога нема направено доволен простор за паркирање за да ги прифати речиси сите оние кои особено кога има снег прават инвазија на овој локалитет.

Време е идејата „Пониква“ во вистинска смисла на зборот да стане туристичка дестинација да почне да се реализира, да се направат напори она што недостасува, да почне да се гради, но и да им се даде рок до есента на оние кои преку јавно надавање ги купиле плацовите објектите да ги изградат, во спротивно се знае законот.

Ајде да почекаме да видиме дали и ова чудо ќе се случи и дали со право за „Пониква“ ќе почнеме да зборуваме како за вистинска туристичка дестинација.

С. Ивановски

20

21

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари