По само две седмици повторно се одигра вечното дерби помеѓу „Осогово“ и Штипска „Брегалница“ и повторно натпреварот заврши без победник.

Мрежите денес мируваа во Кочани а според шансите гостите треба да бидат тие што ќе му се радуваат на освоениот бод, а „жетварите“ ќе жалат за уште една пропуштена шанса да дојдат до победа, тие денес загубија два бода во борбата за опстанок.

Иако голманите на двете екипи ниту еднаш не ја вадеа топката од својата мрежа сепак шанси имаше и тоа повеќето на страната на домаќините.

Првите возбудувања беа сепак пред голот на домашниот голман Игески. Се играше 11’ кога Мишев одлично продре по левата страна, следуваше остар центаршут а гостинскиот играч Илијев за малку беше побрз од топката и шансата да го откријат резултатот отиде во неповрат.

Само три минути подоцна голема шанса за „жетварите“. По една одлично нафрлена топка во срцето на шеснаесетникот на гостите, Жоглев задоцни за момент и не успеа одлично нафрлената топка да ја спроведе во мрежата.

Во 34’ гостите организираа добар напад, најдобриот поединец во редовите на „Брегалница“ Митров беше проигран во празно по десната страна, ја искористи својата брзина и прв стигна до топката а кога домашниот голман Игески му појде во пресрет вешто го префрли но топката заврши покрај голот во гол-аут.

Во второто полувреме домаќините беа тие кои атакуваа почесто кон голот на штипјани.

Во 54’ Паунов најопасниот домашен напаѓач се одлучи на удар од преку 25 метри но гостинскиот голман Давков со крајни напори ја исфрли топката во корнер. Во 65’ по една шанса на обете страни. Најпрвин Митров упати вистински проектил од дваесетина метри но топката помина над пречката на Игески, а само неколку секунди подоцна Жоглев изби сам но неговиот удар со пад во нозе го одбрани Давков.

Во 75’ Паунов одлично се ослободи од своите чувари, биеше со левата нога а десниот дирек беше сојузник на штипјани.. Истиот играч само две минути подоцна упати одличен удар Давков неспретно ја одби топката која за негова среќа доби чудна парабола и заврши над пречката во корнер.

Тоа беше и последната шанса на овој натпревар по кој домаќините се тие што ќе ја жалат за победата.

С. Ивановски

DSCN9556

DSCN9516

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари