Екипата на „Кочани“, некогашниот шампион на Македонија во женска конкуренција доживеа вистински дебакл на домашен терен.  Во рамките на 16-ото коло во Првата Фудбалска Лига за жени, тие се поразени како домаќини од екипата на „Речица“ со резултат 1:5(1:3).

Додека младата гостинска екипа играше фудбал, домаќинките гледаа и не веруваа во она што им се случува. Претрпеа висок пораз кој го наметнува прашањето „Која е иднината на женскиот фудбал во Кочани?“.

Гостите поведоа со 1:0 и навестија на некој начин што ќе се случува денес на стадионот „Никола Мантов“. „Жетварките“ сепак успеаја преку капитенот и голгетерот на екипата Анета Ѓорѓиева да го израмнат резултатот, што беше и единственото добро нешто што го направија на овој натпревар. До крајот на првото полувреме „Речица“ успеа да постигне уште два погодока што беше знак за тревога кај „жетварките“.

И наместо негативата од два гола да ги поттикне на подобар фудбал тие во второто полувреме дозволија уште двапати да им се затресе мрежата и да го доживеат еден од најтешките порази во последните неколку години како домаќини.

Победата на екипата на „Речица“ е повеќе од заслужена а некои играчи во редовите на кочанчанки ќе треба да се запрашат дали го даваат максимумот за екипата чиј дрес го носат.

Резултати од 16-тото коло:

„Кочани“ – „Речица“  1:5

„Тиверија“ – „Атлетико“  6:0

„Топ Гол“ – „СЦ Истатов“  4:4

„Ас Јунајтед“ – „Каменица Саса“  3:0 гостите не допатуваа во Струга

„Борец“ – „Њу Јорк“ (натпреварот се игра во друг термин)

„Тетово“ – „Драгон“  0:11.

И после 16-тото коло „мртвата трка“ за шампионската титула помеѓу екипите на „Драгон“ и „Тиверија“ продолжува.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари