Неодиграниот натпревар од 23-тото коло во Третата Фудбалска Лига „Овче Поле„ – „Малеш“ и одлуката на Комесарот за натпреварување истиот да се преигра повлече низа реакции во неколку клубови од Истокот.

Да потсетиме во неделата во Свети Николе претставникот на ФК „Малеш“  од Берово Ванчо Коловски инаку и делегат во Третата Фудбалска Лига и делегат во ОФС – Кочани ја повлекол својата екипа од причини што домаќините немале амбулантно возило а имале за таа потреба пријавено возило со регистарски таблички ЅТ-355-VJ  и затоа што домашната екипа немало платено котизација, бидејќи немале платено другите екипи (така е констатирано во записникот).

Само ден по неодигрувањето на натпреварот реагираа од Тратата Фудбалска Лига – Исток со две одлуки, едната од Комесарот за натпреварување а другата од Дисциплинскиот Комесар.

1. Комесарот за натпреварување во Третата Фудбалска Лига – Исток на ден 07.05.2018 година го презакажува неодиграниот натпревар „Овче Поле“ – „Малеш“ за во Среда (09.05.2018) во термин за Вонредното 24-то коло (истото го поместуваат) и при тоа и се наложува на екипата „Овче Поле“ од Свети Николе да ги покрие реалните трошоци за превоз на релација Берово – Свети Николе и храна на ФК „Малеш“  направени на ден 06.05.2018 година кога беше терминот за одигрување на натпреварот.

2. Дисциплинскиот Комесар на 07.05.2018 година донесува Одлука со која се казнува ФК „Кежовица“ – Штип со дисциплинска мерка парична казна во висина од 1.600 евра во денарска противвредност на денот на уплатата. Во Образложението пишува: Дисциплинскиот Комесар постапувајќи по пријавата на административно финансиската служба на ТФЛ исток бр.0302-97 од 12.04.2018 година против ФК „Кежовица“ – Штип што врз основа на член 3, 87 и 88 од Дисциплинскиот правилник на ФФМ поведе дисциплинска постапка на ден 13.04.2018 година против ФК „Кежовица“- Штип поради занемарување на обврските и непочитување на Одлуки на Управниот Одбор на ТФЛ – Исток во врска финансиско-материјално работење кога станува збор за обврски на ФК „Кежовица“ – Штип спрема ТФЛ – Исток (неплатена котизација).

Од двете екипи како што не информираат немаат намера да постапат според добиените одлуки.

Од „Овче Поле“ сметаат дека виновник за прекинот е претставникот на ФК „Малеш“ Ванчо Коловски а од ФК „Кежовица“ бараат писмена потврда дека сите останати екипи ја имаат платено котизацијата за да истата и тие ја платат.

Дали еден од миленичињата на ОФС – Кочани Ванчо Коловски не сакајќи ја отвори „Пандорината кутија“ и на видело го изнесе „работењето“ во ТФЛ – Исток допрва ќе видиме.

Инаку Коловски на Изборното Собрание на ОФС – Кочани одржано на ден 05.01.2017 година го критикуваше начинот на закажување на Собранието и работење на ОФС – Кочани за да под чудни околности преку ноќ стане еден од делегатите на кои сега се потпира ОФС – Кочани и чии два прста вредат многу.

Среда е утре, да почекаме и да видиме што ќе се случи, но според најавите од „Овче Поле“ и од „Кежовица“ тие нема да ги почитуваат одлуките по цена и да не го продолжат првенството.

Ќе биде интересно веќе утре.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари