По 25 одиграни кола во неделата се спушти завесата на годинешното првенство во Втората Фудбалска Лига – Исток.

Кочанскиот второлигаш „Осогово“ кој по пет години (2011/2012) повторно заигра на терените во втората лига  на крајот од првенството го зазеде осмото место со 19 освоени бода со кое му виси второлигашкиот статус.

Сега очите на љубителите на фудбалот во „градот на оризот“ со право се вперени во бараж натпреварите од кои искрено се очекува дека Победа од Прилеп ќе биде вистинскиот добитник и дека „жолто-сините“ и следното првенство ќе играат во второлигашката конкуренција.

Кога ќе се погледнат резултати во изминатите кола бројките се загрижувачки иако две постави ги водеа кочанчани во второлигашките води.

5 победи 4 нерешени натпревари и 16 порази со негативна гол разлика од – 27 (26:53) и освоени вкупно 19 бода се бројки кои треба сите да ги загрижат ако се знае колку се сé потроши во текот на првенството.

Инаку „жетварите добро стартуваа во првенството, во првите четири кола извојуваа две победи како домаќини и со освоените  50% од бодовите се размислуваше и за нешто поголемо. Но во петтото коло дојде натпреварот против „Каменица Саса“ во Кочани кој заврши без победник (2:2) што им даде крилја на „каменичани“ а паѓање во бездна за „Осогово“. По овој нерешен натпревар „Осогово“ претрпе 6 едноподруго порази што го искористија луѓето од „Ад хок“ телото кое застана на чело на клубот и при тоа го смени комплетниот Стручен штаб.

Но и тие не стартуваа онака како што ветуваа, во трите простанати кола од есенскиот дел на првенството претрпеа два пораза и еден натпревар одиграа нерешено со гол разлика 0:4.

Пролетниот дел го започнаа со победа против „Победа“ (В) како домаќини, пораз од „Борец“ во Велес и нерешен резултат со „Брегалница“ (Шт) во Кочани.

Во трите кола од третиот круг од доигрувањето „жетварите“ не се прославија, загубија во Велес и Струмица а со „Брегалница“ (Шт) во Кочани одиграа без голови со гол разлика 0:6,  резултати кои го запалија „црвеното светло“ бидејќи стравот од испаѓање од лигата стануваше реалност. До крајот на првенството во последните пет кола беа остварени две победи и три порази што значеше на крајот осмо место и треперење до 03.Јуни кога ќе се знае дали „Победа“ од Прилеп останува прволигаш а со тоа „Осогово“ второлигаш или не.

Но до тогаш, до тој 3-ти Јуни сите оние на кои нешто им значи „жолто-сината“ боја ќе треперат. „Осогово“ зависи од „Победа“ (П).

С. Ивановски

DSCN992

1.

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари