Она што пред извесен период го пишувавме околу проблемите со паркирањето во централното градско подрачје, денес на некој начин беше потврдено и на 11-тата седница на Советот на Општина Кочани.

Советникот Венко Крстевски постави низа прашања околу лошото менаџирање со паркинг просторот во градот што е главната причина да КЈП „Водовод“ – Кочани во првиот квартал на оваа година бележи помала наплата од истиот период во минатата година.

Но, уште кога се донесе одлука на Советот на Општина Кочани во Централното градско подрачје да се плаќа паркинг простор беше јасно дека нема се така да биде лесно.

Учесниците во сообраќајот се почесто се жалат дека кога ќе го паркираат своето возило им се земаат 10,00 денари а за тоа не добиваат фискална сметка.

Сограѓанин ни раскажа како пред извесен период бил сведок кога од штотуку паркирано возило на улицата „Димитар Влахов“ излегол возачот му дал 10,00 денари на овластеното лице, не побарал фискална и заминувал некаде во кафулињата. Интересот му го привлекол ваквиот арогантен однос па морал на секој час да поминува се додека по повеќе од 4 часа не дошол сопственикот кој си влегол во возилото непречено и си заминал.

Значи додека тој уживал 4-5 часа во некое од кафулињата а платил само 10,00 денари го оштетил и КЈП „Водовод“ но и внел нервоза кај сопствениците на возилата кои како станари на зградата кај „Тутунска Банка“ редовно плаќаат месечни карти за паркирање а со часови бараат простор за паркирање.

Некој овој проблем со месечните карти на жителите на зградите мора да го реши под итно. Некои од вработените во КЈП „Водовод“ мора да прават контрола почесто за да се уверат дали некој навистина си става директно пари во џебовите.  Приказните дека можеби плаќаат со СМС пораки не држат бидејќи и тоа лесно се проверува. Ќе се сликаат регистарските броеви во одреден временски период и ќе се провери дали платиле на рака или со СМС. Кога се сака се сé може.

Затоа што побргу треба да седнат КЈП „Водовод“, Полициска станица – Кочани и одговорните во Општина Кочани и да го решат сега веќе овој проблем, бидејќи не е коректно некои да плаќаат по 300,00 денари месечно, да живеат во Трговскиот Центар, а возилата поради наведените причини да мора да ги паркираат кај „Охридска Банка“, кај „Пошта“ па дури и во Стришани. Зошто им се тогаш месечните карти? С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари