По настапите во неколкуте наши прволигашки клубови (Силекс, Тетекс, Брегалница, Ренова, Работнички), Стојанче Велинов реши во овој преоден рок да ја продолжи својата кариера во Саудиска Арабија.

Како што дознаваме се е договорено и во ова првенство Велинов ќе настапува за екипата „Наџран“ од истоимениот град кој се наоѓа во близина на границата со Јемен.

Сепак клубот кој пред две години се пресели од првата во втората лига своите настапи ги има во туристичкото гратче Абха сместено во непосредна близина на Црвеното Море.

Во 2013/2014 година на чело на екипата на „Наџран“ се наоѓаше некогашниот селектор на Репрезентацијата на Македонија Ѓоко Хаџиевски под чие водство го постигна и најголемиот успех, а тоа се меѓународните настапи во „Голф Купот“, натпреварување во кое учествуваа екипи од Саудиска Арабија, Емирати, Кувајт, Катар, Бахреин и Оман.

Очекуваме дека Велинов со своите фудбалски квалитети ќе се покаже во добро светло и дека ќе ја оправда довербата на луѓето кои му помогнаа да се пресели во Саудиска Арабија.

С. Ивановски

1

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари