Она што во последните години отворено се зборува во јавноста дека во ФФМ „ќарат“ само оние понизните, оние што постојано ја веднат главата и слепо ги слушаат наредбите се потврди оваа пролет.

Имено после Изборното Собрание одржано на 27.01.2018 година на кое повеќето делегати не гласаа за фаворитот на ФФМ, еден по еден од непослушните и непокорните почнаа да го плаќаат „данокот“.

Уште тогаш многумина од делегатите отворено зборуваа и се прашуваа што бара на Собранието Владимир Гашевски – Претседател на Изборната комисија при ФФМ, а после сето она што се случи после тоа Собрание излегува дека неговото присуство било да ги „снима“ непослушните и оние кои не пеат по нивната музика.

Дека тоа излезе така се потврди во периодот кој следуваше. Најпрвин неколку судии од Судискиот актов при ОФС – Кочани експресно беа намерно запоставувани. И додека судиите од Кочани чекаа со месеци делегирање било во Втора лига (оние кои беа на таа листа) или Трета лига, семоќниот Ванчо Коцев неговите миленичиња ги делегираше секое коло (да имаше можност и по пет пати во едно коло тие ќе судеа) без разлика на која листа се наоѓаат. И овој пат како да сакаше да докаже дека тој е еден од главните во регионот од кого зависи се кога се во прашање натпреварите.

На тапет се најде и Комесарот на „Детската лига“ во Источниот регион Атанас Кушевски, и тој беше запишан во „црниот список“ на оние кои во бездна го однесоа Македонскиот фудбал, го плати и тој цехот на непослушност, па ден денес е далеку од сите фудбалски збиднувања кои се под капата на ФФМ.  Освен што не е повеќе Комесар, не е ниту на листата на Контролори на која беше последните години.

Непослушноста ја плати и Сашко Ангелов – Претседател на Судискиот актив при ОФС – Кочани. И тој беше забележан од „функционерите“ на ФФМ дека не го подржува нивниот пик на Изборното Собрание па и тој полека беше избришан од секаде, а деновиве и официјално од Судиската Комисија при ФФМ за да на негово место влезе (ајде од прв обид погодувајте), се знае незаменливиот Ванчо Коцев.

И така се си доаѓа на свое место кога се во прашање оние кои го водат македонскиот фудбал од осамостојувањето на државата. Не е важно која партија е на власт во државата, не е важно дали фудбалот ни оди во надолна линија, не е важно дали клубовите можат да ги издржат сите финансиски барања кои ги наметнува ФФМ, најважно од се, е фудбалските крлежи и понатаму да останат на функции, и понатаму да цицаат високи дневници на сметка на клубовите од кои некои одвај крај со крај финансиски врзуваат.

Но кому му е тоа важно? Како што стојат работите никому.

И затоа да не се чудиме доколку и во новите првенства многу нешта однапред ќе бидат познати. Да не нé чуди што пак ќе се создава нервоза кај раководните луѓе на клубовите, кај тренерите, кај играчите, кога на судиите, делегатите, контролорите и моќниците од ФФМ ни влакно нема да им фали од главата. Нивните сметки и понатака ќе бидат полни од постојаните делегирања и членувања во разните комисии.

Затоа нека ни се со среќа првенствата што ни престојат.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари